Програма за социјално и економско јакнење нуди бесплатна обука за шиење, пријавување до 20 октомври

Фото: Suzy Hazelwood from Pexels

Од следниот месец жените кои имаат желба својата креативност да ја преточат во изработка на облека и други нешта кои може да се создадат од текстил, а не знаат како, ќе имаат можност да научат.

Бесплатниот курс за стекнување вештини во шиење ќе трае три месеци. Ќе го води професионална обучувачка преку проектот „Социјална, Правна и Хуманитарна Помош за Локално Население” финансиран од страна на Владата на Република Северна Македонија, а кој го спроведува хуманитарната организација Легис. Наменет е за унапредување на работни вештини за жени во висок социјален ризик, без формално образование или без вештини од Скопје, со цел нивно социјално и економско јакнење.

„Сите тие невработени жени, самохрани мајки, безнадежни, или жени без некоја одредена вештина или формално образование, имаат можност за да се пријават и да стекнат работни вештини во шиење и кроење наредните 3 месеци на бесплатен курс, па така ќе научат вештина со која што ќе можат да се самовработат, односно да работат и заработуваат за нив и нивните семејства“, изјавија од Легис.

Заинтересираните може да се пријават до 20 октомври во просториите на Легис во скопската населба Чаир или на телефонскиот број 022658219.