Прогласена тридневна жалост во Тетово

Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

Советот на општина Тетово денеска прогласи тридневна жалост во Тетово по вчерашниот катастрофален пожар во ковид болницата, во кој животот го загубија 14 лица. Тетовската градоначалничка Теута Арифи на денешната прес-конференција рече дека откога ќе се знаат официјалните информации за жртвите, ќе се помогнат нивните семејства од итниот фонд на општината.

Градоначалничката Арифи ги повика институциите што побрзо да ја завршат истрагата за да се дознае причината за вчерашниот пожар во ковид болницата. Истовремено, таа побара од граѓаните и од медиумите да чекаат официјални информации од институциите и да не брзаат во објавување на непотврдени информации.

„Сакам да ве информирам дека сум во постојан контакт со сите институции кои треба да ја завршат својата работа, и во секој момент кога ќе добијам потврдени официјални информации, нормално дека истите ќе ги споделам со вас“, рече Арифи.

Министерството за здравство утрово информираше дека во пожарот во тетовската ковид болница загинаа 14 лица, додека 12 од пациентите кои биле на лекување се спасени и во моментов тие се лекуваат во тетовската болница. Нема настрадени здравствени лица во пожарот, додека неколкумина се здобиле со полесни повреди.