Бугарскиот претседател Радев стави вето на испораката на бугарски транспортери на Украина

Медиапул.бг пишува дека Радев е еден од ретките европски лидери кои заземаат проруска позиција во воената агресија, а со ставањето вето сега ја суспендира и помошта за Украина

Извор на фотографија: Vitaly V. Kuzmin - http://vitalykuzmin.net/?q=node/402, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=26302379

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска стави вето на испораката на бугарски оклопни транспортери како воена помош од Бугарија за Украина, пренесува Медиапул.бг. Со ветото, претседателот Радев го врати законот на нова расправа во бугарското собрание, така што пратениците ќе треба повторно да гласаат за испраќање на 100 парчиња оружје, вклучувајќи оклопни транспортери наменети за украинската војска.

Медиапул.бг пишува дека Радев е еден од ретките европски лидери кои заземаат проруска позиција во воената агресија, а со ставањето вето сега ја суспендира и помошта за Украина.

Очекувањата се дека пратениците од бугарскиот парламент лесно повторно да ја изгласаат законската основа за испраќање воена помош за Украина, но целокупното одложување на постапката не оди во прилог на Украина и ќе му овозможи на Радев да испрати нови пропагандистички содржини против помошта.

За разлика од Румен Радев, бугарскиот премиер Николај Денков коментира дека мнозинството во парламентот ќе го отфрли ветото и дека поддршката од Бугарија за Украина ќе продолжи да се реализира.

Според него, народните избраници се доволно информирани и донеле мотивирана одлука.

Владејачката коалиција „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ го дефинираше ветото на Радев како „политичко лицемерие“, додека претседателот на пратеничката група на ДПС, Дељан Пеевски чинот на Радев го оквалификуваше како „срам“.

По оваа одлука уште покатегорично е јасно колку е важно Бугарија да има евроатлантско парламентарно мнозинство и евроатлантска влада поддржана од него, рече Пеевски.

Претседателот Радев пак си дава свои образложенија за ветото што го има ставено за бугарската помош за Украина.

„Оклопната опрема за високо-теренски транспорт што ѝ е обезбедена на Украина може да се користи конкретно за заштита на бугарската граница и за обезбедување помош на населението во случај на катастрофи и несреќи, вклучително и во тешко достапни области“, посочува Радев.

Опремата, која е дел од залихите на жандармеријата, не е користена во последните 25 години, додека оклопните возила се произведени пред околу 50 години.

Сепак, Радев се навраќа на поплавите во градовите Карлово и Царево и смета дека машините можат да се користат во слична ситуација во Бугарија.

Дополнително, според него, техниката е „особено погодна за употреба во високите планински погранични области и во тешки зимски услови“.

Инаку, одлуката на Румен Радев против испраќањето воена помош во Украина во бугарското собрание ја поддржаа пратениците од проруските партии – Бугарската социјалистичка партија и Преродба.