Пред распуштањето, бугарскиот парламент ги осуди „насилствата врз македонските Бугари“

Фото: Веб-страница на Народното Собрание на Република Бугарија; https://www.parliament.bg/bg/news/ID/5659

Бугарскиот парламент денеска, ден пред да биде распуштен, со големо мнозинство изгласа декларација за осуда на „ескалирачките агресивни антибугарски пројави во Република Северна Македонија“.

Декларацијата претставува предлог-текст што Комисијата за надворешна политика, раководена од поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева од ГЕРБ, го подготви од четирите предлози.

Еден беше на пратеничката Десислава Атанасова од ГЕРБ, вториот од Андреј Ѓуров од „Продолжуваме со промената“, третиот од Костадин Костадинов од „В’зраждане“ (Преродба) и последниот од Елисавета Белобрадова и Стојан Михалев од „Демократска Бугарија“.

Компилираната декларација претпладнево беше усвоена со 184 гласа „за“ и еден воздржан.

Текстот е изгласан само еден ден откако делегација од македонски Бугари – Петар Колев од Граѓанско-демократската унија, Љупчо Ѓорѓиевски, претседател на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола и Георги Трендафилов од Велес беа примени во Европската комисија од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Ние сакаме една Македонија во којашто сите нејзини граѓани се еднакви пред Уставот и законите, вклучително и македонските Бугари“, рече меѓудругото, Колев вчера.

Декларацијата усвоена денеска ги осудува „настаните и повиците за насилство против Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а посебно тешкото кривично дело против Бугаринот Христијан Пендиков и цврсто бара да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривањето на доведувањето под одговорност на извршителите“.

Понатаму, се осудува „говорот на омраза во Северна Македонија против локалните Бугари и Бугарија, како и неговите пројави во политичката, општествената и медиумската средина“. Во декларацијата се изразува и стравување дека „ескалирачката антибугарска кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на внесување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во ЕУ, што им служи на интересите на трети земји“.

Традиционално за бугарсккиот политички врв, една од точките во декларацијата, се осврнува на историјата велејќи оти во политичкиот простор во Македонија има „неточни и манипулативни тврдења за бугарското минато што наводно претставува „сеење омраза против Бугарија и Бугарите“.

Декларацијата е една од последните точки на 48-от состав на бугарскиот парламент, кој утре ќе биде распуштен според указот на бугарскиот претседател од 31 јануари. Дополнително, со тој указ предвремените парламентарни избори беа закажани за 2 април.