Правата за емитување и реемитување програма во земјата се уште се толкуваат на различни начини од различни центри, во зависност од тоа на која интересна група им припаѓаат. Најголеми се разликите меѓу националните телевизии на една и операторот „Телекабел“ на друга страна. Едните бараат затемнети телевизиски екрани и казни во случај кога операторот нема регулирано права за реемитување, другите ја префрлаат топката кај странските канали.
Пишува: Кристина Озимец – ПИНА
Авторските права за реемитување на програма скараа дел од кабелските оператори и националните телевизии. Проблемот го актуелизираа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а дебатата започна да се води со јавни препукување преку медиумите. Познавачите велат дека прашањата за целиот корпус на авторско право и сродни права и емитувањето односно реемитувањето преку кабел или сателит е веќе регулирано во Законот за авторското право и сродните права. Овој закон е усогласен со две европски директиви во таа област, па затоа дел од експертите кои ги консултиравме сметаат дека предложените измени претставуваат непотребно дуплирање на законодавството и е одвишен.
Токму во пресрет на измените, Македонската Медиумска Асоцијација во која членуваат националните телевизии „Телма“, „Канал 5“, „Сител“, „Алсат-М“ и „Алфа“ неодамна го обвини кабелскиот оператор „Телекабел“ и телевизијата „24“ за недозволена медиумска концентрација, како и за ставање на страна на интересите на кабелските оператори, а не на страната на медиумите. Според нив, во актуелниот закон кабелските оператори немаат речиси никаква одговорност за содржината која ја реемитуваат. Велат дека за сите повреди на авторските права, операторите се прогласуваат за ненадлежни и бараат одговорноста да се бара кај каналот, наместо кај нив.
Тие сметаат дека кабелските оператори треба да бараат потврда од сите канали кои ги реемитуваат за тоа дека ги регулирале правата за Македонија, да ги уредат односите со странските канали и секој вид на содржина за која немаат авторско право во Македонија да биде затемнета или да не се емитува. Ваквите промени директно би ги почуствувале и гледачите кои ги користат услугите на кабелската телевизија.
Директорот на телевизија „Телма“, Атанас Кировски, за ПИНА вели дека телевизиите одговараат за програмата што ја емитуваат, а нивните управители сносат кривична одговорност, за било каква повреда на авторско право.
Кабелските се загрижени дека ако се регулираат авторските права, дел од каналите кои ги реемитуваат ќе треба или да ги укинат, или одредени содржини да ги емитуваат со затемнета слика. Нема смисла да се бара домашните телевизии да ги почитуваат авторските права и за евентуално прекршување на сносат кривична одговорност, а странските канали и оние што ги реемитуваат, да немаат никаква одговорност. Македонските телевизии бараат да не бидат дискриминирани во сопствената држава и правилата на игра што важат за нив да важат и за другите – вели Кировски.
Според него, кабелските оператори постојано реемитуваат серии, филмови и спортски настани за кои националните телевизии ги имаат откупено правата и заради недореченоста во законската регулатива, операторите досега немаат изгубено ниту еден судски спор.
Последен пример се скапо платените авторски права за ракометното првенство во Хрватска, за што Телма ги откупи ексклузивните права за територијата на Македонија. Операторите и за време на првенството ги пренесуваа РТРС, РТЛ и други канали без авторски права за тоа. Македонските телевизии не реемитуваат пиратски контент во Хрватска или Србија, природно е и ние истото да го бараме од нивните канали и од оние што го реемитуваат контентот – вели Кировски.
Принципот на затемнување функционира и сега, и тоа не само во Македонија, вели Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите. Доволно е носителот на правата за соодветната територија да побара такво затемнување во случаите кога за ист, на пример спортски настан, правата за пренесување во различни држави ги имаат различни радиодифузери.
Прашањето е кој ќе ја има одговорноста да следи кој ги има обезбедено правата за емитување за различни територии? За заштитата на авторското право и сродните права начелно треба да се грижи носителот на соодветното право, или оној што ги обезбедил – откупил или изнајмил правата за одредена територија. Најдобар извор на таквите информации се носителите на правата, кои сигурно знаат кому се ги продале и за која територија. Од друга страна, не може да се бара затемнување на оние програми за кои не се откупени правата за емитување во Македонија. И двете директиви на ЕУ, всушност, како една од основните цели го имаат збогатувањето на понудата на програмски содржини на територијата на целата ЕУ (а во случајот на државите кандидати како што е Македонија, и кај нас) токму преку такво реемитување на програмски сервиси од странство преку кабелски/ИПТВ платформи или преку сателит. Инаку, ако, на пример Телма ТВ, ги обезбедила правата за Македонија за некаков голем настан како што е Европското првенство во ракомет, таа може да побара од надлежното регулаторно тело да им наложи на оператерите на кабелски или ИПТВ мрежи да ги затемнат оние странски канали во нивните каталози што ги имаат обезбедено правата за соодветните земји, во времето додека трае, во нашиот случај, ракометниот натпревар – вели Георгиевски.
„Телекабел“: Не можеме да одговараме за странски канали Од друга страна, од операторот„Телекабел“ имаат сосема спротивен став. Оттаму сметаат дека не постои никаков спор, туку се работи за наметната состојба од страна на петте национални телевизии. Нивниот став е дека тие како кабелски оператори не може да гарантираат за регулирани авторски права, за странски телевизии.
Во истиот став од законот стои дека доколку операторот реемитува странски канал, операторот под морална, материјална и кривична одговорност ќе гарантира дека странскиот канал ги има регулирано авторските права?! Како може ние да гарантираме за тоа дали Eurosport, CNN или Discovery регулирани авторски права? И кој фактор сме ние да бараме од нив такво нешто? Пративме иницијатива и забелешка за овој член, одржавме и една работна средба кај Министерот, и се надеваме дека правните служби ќе увидат дека се работи за неприменлив став“, вели Зоран Ристов од „Телекабел“.
Според него, за кабелски оператор да пушти еден канал било странски било домашен, мора да има договор за регулирани авторски права.
Тој договор потоа се доставува до АВМУ од каде ако се е во ред ни даваат Одобрение за реемитување. Па дури тогаш каналот можеме да го пуштиме. Затоа ни беше чудно што сака предлагачот на измените да постигне и која е целта на барање измени во член 143 од Законот за АВМУ. Телекабел во досегашното работење нема ни една пријава за нерегулирани авторски права, а такво нешто немаат ни поголемиот број од нашите колеги – додава Ристов.
Острината на изјавите и од двете страни говори дека сепак постои спор и несогласувања. Според адвокатот Валентин Пепељугоски, не се толку проблем предложените измени на законот, туку проблем е неговата примена бидејќи надлежните органи не вршат контрола туку се задоволуваат само со добивање на потврда од операторите дека ги регулирале авторските права.
Тие можеби склучиле договор со некој ТВ канал да го реемитираат, но тоа не значи дека ТВ каналот кој се реемитира ги поседува сите авторски права за сите настани. Ова особено го мислам за спортските и музичките настани, па дури и за некои филмови кои се блок бастери. Оваа појава масовно се случува а не е санкционирана. Исто така, телевизии со национална концесија си дозволуваат да емитираат програма за која немаат платено авторски права. И тука доаѓаме до проблемот што тие секогаш ќе ви покажат договор со некоја трета фирма од која наводно ја купиле програмата, но не од вистинскиот носител на авторските права. Заради тоа, мислам дека санкциите мора да бидат поостри – вели Пепељугоски.
Според познавачите, кабелските оператори, освен ако немаат свои „on demand“ услуги, не се јавуваат како страни во бизнисот со правата на емитување и реемитување на авторски дела. Институциите велат: Не сме судии Од Министерството за информатичко општество и администрација за несогласувањата меѓу дел од телевизиите и Телекабел велат дека нивната позиција не е да биде судија, или да бидат ставени на средина . „Тоа е несогласување помеѓу двете страни кои тие треба да го надминат. За ова прашање постои надлежен регулатор кој постапува согласно позитивната законска регулатива“, велат од министерството. Тие сметаат дека со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе бидат целосно и доследно испочитувани принципите за заштита на авторските права. Агенцијата за медиумите пак вели дека тие го уредуваат само прашањето во врска со регистрацијата на програмските пакети на операторите. Тие упатуваат на регулирање на правата согласно Законот за авторското право и сродните права, каде е уредена постапката и начинот на којшто се регулираат правата за реемитување. „Станува збор за комерцијален однос, уреден со договор помеѓу операторите и комерцијалните телевизии, а во кој однос Агенцијата нема никаква законска основа да се меша, туку тоа е слободна волја на субјектите кои склучуваат договор. Агенцијата само треба да констатира дека се уредени правата помеѓу двата субјекти, за што законодавецот утврдил дека ќе се спроведува преку доставување изјава заверена на нотар од страна на одговорното лице кај операторот, а со која се потврдува дека правата за реемитување се уредени.“, велат од АВМУ. Според Георгиевски од ЦРМ, Агенцијата има право дека се работи за комерцијален однос, во кој кабелските оператори ја имаат позицијата на моќ и можат да ги диктираат условите. Тоа се должи највеќе на високата (една од највисоките во светот) пенетрација на кабелската телевизија која, според податоците, изнесува можеби и цели 80 отсто (односно 80 отсто од околу 560 илјади домаќинства се поврзани и претпатени на услугите на некој од кабелските оператери.
Во таква ситуација, националните терестријални телевизии – телевизиите што емитуваат во етер, преку дигиталните терестријални мултиплекси – тешко можат да ја искористат инаку привилегираната позиција да имаат пристап до сите 100 отсто (или блиску до таа бројка) домаќинства, што би можеле да го валоризираат преку продажба на рекламен простор. Изгледа дека во моментов постои нерамнотежа на моќ во полза на кабелските оператори, и тие ги диктираат условите за реемитување на телевизиските канали на своите мрежи, понекогаш барајќи навистина високи суми за македонски услови за таквата услуга, често блиски до годишните надоместоци што емитерите веќе ги плаќаат за добивање на дозволите за емитување – вели Георгиевски.
Постапка за утврдување недозволена медиумска концентрација кај ТВ „24“
Покрај препукувањата за правата за програма, националните телевизии неодамна го обвинија „Телекабел“ и за недозволена медиумска концентрација. АВМУ неодамна покрена постапка за утврдување недозволена медиумска концентрација кај ТВ 24 Вести откако до Агенцијата биле доставени снимка од интервју на Роберт Димитров, сопственик на „Телекабел“, објавено на интернет порталот „Мактел“.
„Одредени негови изјави дадени во интервјуто укажуваат на можно постоење недозволена конентрација помеѓу оваа телевизија и Телекабел. Во тек е испитување на веќе обезбедените податоци и пробирање на дополнителни, за да се утврди дали постојат материјални докази за постоење недозволена медиумска концентрација“, велат од АВМУ. Се очекува институцијата деновиве да ги објави резултатите од постапката.
Во разговорот за овој портал, Димитров вели дека имал австриски партнер, познаник, кој ја има телевизијата на негово име, но признава дека Телевизијата за сите овие години е финансиски помагана од Телекабел.
„24 вести“, не е тајна, „Телекабел“ ја поддржува сите овие шест години иако работеше со минус, многу сум среќен што направивме бренд, пред се на кој граѓаните му веруваат и докажано е дека е под број 1 по доверба. Претходната власт можеби и правеше некои притисоци, не е тајна дека инспекцијата нон стоп доаѓаше и прашањата беа зошто се даваат позајмици. „Телекабел“ ја помагаше таа телевизија, со цел дека еден ден ќе работи позитивно и тие пари ќе ни се вратат – вели Димитров.
Од оваа компанија за ПИНА велат дека изјавите на Роберт Димитров биле извадени од контекст.
„Помеѓу „ТВ 24“ и „Телекабел“ не постои медиумска концентрација. Имаше една претставка од „Канал 77“ дека имало медиумска концентрација и по истата АВМУ од како изврши испитување, утврди дека нема медиумска концентрација. По одговорот, пак „Канал 77“ доставил претставка дека имало позајмици од „Телекабел“ кон „ТВ 24“ па АВМУ повторно отвори постапка за испитување на медиумска концентрација која е во тек. Очекуваме и овој пат АВМУ да утврди дека нема медиумска концентрација, имајќи ги во предвид нашите податоци кои се секогаш во рамките на законот“, велат оттаму.
Пред неколку дена „Телекабел“ имаше јавно препукување и со телевизијата „Канал 5“, откако ја известија јавноста дека ја исклучиле телевизијата од нивните пакети, бидејќи Договорот за реемитување кој го имале со „Канал 5“ бил истечен. Од „Канал 5“ пак тврдеа дека не е точно дека тие не го потпишувале договорот, туку дека операторот одбивал да го потпише договорот.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.