Пратениците го поддржаа предлог-законот за основање универзитет „Дамјан Груев“

Собранието денеска во прво читање го поддржа предлог-законот за основање универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“.

Планирано е во рамки на универзитетот да функционираат осум целини, односно воена академија, воздухопловна академија, факултет за безбедност, медицински факултет, факултет за мировни студии и за кризен менаџмент, правен факултет, институт за командни и штабни функции и за лидерство и институт за информатички технологии и за сајбер-безбедност.

Најголем дел од осумте целини на универзитетот се очекува да почнат со работа во академската 2016/17 година.

Заменикот-министер за образование и наука, Спиро Ристовски, пред пратениците појасни дека основната идеја со формирањето на овој универзитет произлегла уште пред неколку месеци, кога во комуникација и во соработка со Министерството за одбрана на РМ била констатирана потреба од зголемување на квалитетот на образованието што е неопходно за потребите на Армијата на РМ.