Потребна ни е асистивна технологија, велат родители на деца со атипичен развој

Photo by Nathan Anderson on Unsplash

Преблагодарни сме за овој чекор што го прави Министерството за образование и наука (МОН), за вклучувањето на образовни асистенти во редовната настава. Со ова четири страни ќе имаат голем бенефит, ние родителите, децата, наставниците и самите асистенти. Ние родителите нема да имаме стрес кој го имаме секоја година во наоѓање на асистент, па затоа и ги охрабрувам сите што се пронаоѓаат во конкурсот кој е објавен пред некој ден, да се пријават и да учествуваат во процесот на инклузијата. Ова го изјави Ирена Жерновска, мајка на Дени, девојче со атипичен развој кое е вклучено во редовната настава веќе осум години.

– Ние секоја година сами баравме асистенти, кои приватно ги плаќавме. Сега ова ќе биде нивна редовна работа. Она што е потребно е да постои комуникација меѓу сите страни, да се слушаат потребите на сите страни, наши, на наставниците на асистентите, за да се најде решение како подобро да функционира целиот процес. Асистивна технологија исто така ни е потребна за што поквалитетно образование. Таа сигурност кај образовните асистенти дека се во редовен однос треба да трае постојано, а не секоја година да се привикнуваме на различни асистенти – изјави Жерновска.

Дени кажа дека многу ѝ е убаво на училиште и дека имала среќа да има многу добри наставнички кои ја разбираат.

– Посакувам на асистентот кој ќе работи со мене, да ужива во моите активности – рече девојчето.

Директорката на „Иднина“, основното училиште со ресурсен центар кажа дека посебните училишта се трансформираат во ресурсни центри, па покрај воспитно образовниот процес, ќе даваат и образовна асистенција.

– Платата на асистентот ќе му биде 24.000 денари, со тоа што овие средства ќе бидат обезбедени преку МОН. На конкурсот може да се пријават психолози, социјални едукатори, наставници во одделенска настава, наставници во предметна настава. Ќе имаат и обука. Тие ќе бидат поддршка и на наставникот и на ученикот – рече директорката.

Министерката Мила Царовска изјави дека со тоа што учениците со атипичен развој ќе имаат образовни асистенти, ќе го подобри квалитетот на образованието.

– Инклузијата е битна зашто децата учат да живеат заеднички, да ги прифаќаат различностите. МОН преку буџетот обезбеди 59 милиони денари за вработување на 500 образовни во петте ресурсни центри кои ќе ги опслужуваат сите оние кои имаат потреба низ државата. За прв пат од септември ќе се пилотираат и асистенти од средните училишта. Ресурсните центри ќе треба да вработуваат асистенти и за средните училишта – најави министерката.