Потпишана Декларација за остварување на уставно загарантираната слобода на медиуми

Декларацијата била усогласувана околу два месеци со консултација и соработка на повеќе медиуми и невладини организации
Декларацијата била усогласувана околу два месеци со консултација и соработка на повеќе медиуми и невладини организации

Новинари, уредници и невладини организации ја потпишаа Декларацијата за промовирање принципиелни ставови за остварување на уставно и законски гарантираната слобода на медиумите во Република Македонија.

Принципиелните ставови на Декларацијата се групирани во четири сегменти: политичка волја за слобода на медиумите, реформи на законодавството, финансиски услови и професинална работа на медиумите и на новинарите.

Според претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, со загрозувањето на слободата на изразување, се загрозуваат и основните начела на едно демократско општество.
– Потребни ни се издржани решенија што ќе ги ослободат медиумите од притисокот на политиката и на центрите на моќ – додаде Селмани.

Теофил Блажевски, координатор на проектот, истакна дека декларацијата била усогласувана околу два месеци со медиуми и со невладини организации меѓу кои „24 Вести“, „Нова ТВ“, „Фокус“, „Канал 77“, „Алсат“, „Слободен печат“, „Плусинфо“, претставници на медиумите и на ЗНМ, Центарот за развој на медиуми, Самостојниот синдикат на новинари, „Транспаренси интернешнел“ и на Македонскиот институт за медиуми, како преставници на граѓанскиот сектор.

Декларацијата ќе биде понудена на сите други медиуми, институции на власта, невладини организации, како и парламентарни и вонпарламентарни политички партии, кои ќе сакаат да ја потпишат, поддржат и јавно да ја застапуваат.

Во документто се наведува дека треба да престане практиката на директни или суптилни притисоци од страна на центрите на моќ врз сопственици на медиуми преку финансиски или други механизми. Исто така, во декларацијата се бара судот во целост да го примени Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета, особено во делот за надоместување на нематеријална штета, при што ќе се запази начелото на пропорционалност од Европскиот суд за човекови права од Стразбур.
Како дел од финансиските услови за конкуренција и натпревар, се наведува и неселективен пристап за набавка (купување) на печатени медиуми за потребата за информирање на вработените во државната и јавната администрација и во единиците на локалната самоуправа, со што се отстранува нелојалната конкуренција и не се влијае на слободниот пристап до пазарот.

Декларацијата е дел од проектот за поддршка на независни медиуми во РМ, што го спроведува „Транспаренси интернешнел – Македонија“ заедно со британската НВО ЕРИС, а е поддржан од Европска Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права.