Поставена е модуларната болница за третирање на пациенти заболени од ковид-19 во Охрид, чиј капацитет е 40 легла. Станува збор за контејнери од 300 метри квадратни направени со влез и излез, кислородни станици, амбулантен и тријажен дел. Модуларната болница треба да располага и со рендген апарат.

Согласно задолженијата на кризниот штаб на Општина Охрид, општинските надлежни служби во најбрз можен рок спроведоа тендерска постапка и беше избрана фирмата “МН-АС Констракшн” од Струга, за реализирање на градежните активности.

На просторот веќе беше извршен земјен ископ, тампонирање и бетонирање на подлогата, а направен е и асфалтиран пристапен пат. Исто така, ќе биде извршено поставување на водоводна и канализациона мрежа и ќе се спроведат приклучоци за електрично напојување.

Дополнителните објекти од модуларната болница значително ќе го зголемат капацитетот на Инфективното одделение во општата болница и ќе го олеснат справувањето со здравствената криза во Охридскиот регион.

Во моментов во охридската болница се хоспитализирани четириесеттина ковид позитивни пациенти.