Фото: Бојан Блажевски

Проектот за постигнување енергетска ефикасност на згради на територијата на општина Чаир е во застој. Иако ова беше едно од главните ветувања на сегашниот градоначалник Висар Ганиу за време на предизборната кампања, општината не успеа да ги убеди жителите на зградите да се согласат со нивната понуда за реализација на овој проект, односно за реконструкција на фасадите на зградите, пишува Порталб.мк.

Од Општина Чаир за Порталб.мк изјавија дека е преземена иницијатива преку невладината организација „Habitat for Humanity Macedonia” и е одржан состанок со станари, но, според нив, не е постигната согласност меѓу страните околу понудените услови.

„Во врска со фасадите со енергетска ефикасност, Општина Чаир веќе презеде иницијатива преку НВО „Habitat for Humanity Macedonia” за започнување процес за санирање на фасадите на зградите, при што од општина Чаир се предвидува субвенција од 30 отсто. Меѓу условите за спроведување на овој процес е зградите да имаат формирано Заедници на сопственици, нешто што тие мора да го сторат согласно одредбите на Законот за домаќинства, бидејќи тоа е нивна законска обврска. Заинтересираните граѓани кои веќе ја исполниле својата законска обврска за формирање Заедници на сопственици можат да достават барање до Општина Чаир, и ние им стоиме на располагање за детално објаснување на процесот на спроведување во пропишаните услови, кои еднаш се презентирани на состанок со воспоставените куќни совети“, одговорија од оваа општина.

Зоранчо Димитров од НВО „Habitat for Humanity Macedonia”, за Порталб.мк изјави дека со поранешниот градоначалник на Чаир имале потпишано меморандум за соработка за реновирање на станбени згради, односно нивните фасади, и со таа мерка се обновени само две згради, но проектот е прекинат со доаѓањето на новата власт.

„Требаше да биде потпишан нов меморандум и да се започне од почеток, но тоа беше прекинато од причини што не ги знам“, вели тој.

Според него, на територијата на оваа општина, тие реконструирале само две згради.

„Условите се субвенции од општината и мал заем од „Habitat for Humanity Macedonia“ за да се направи финансиската конструкција. Износот на субвенциите најмногу ги интересира жителите на зградите, односно делот што тие треба да го покријат, а Хабитат или некоја друга финансиска институција да го обезбеди во вид на заем, „Habitat for Humanity Macedonia” нема монопол во ова. Износот на донацијата од страна на општината, во претходниот меморандум, беше 20 проценти, што значи дека општината финансираше 20 проценти од цената на интервенцијата. Сигурно дека тоа е многу малку за жителите на зградите затоа што, ако земеме просечна реконструкција на зграда од 20 стана, од нашето претходно искуство знаеме дека чини во просек 2 милиони денари, и доколку општината даде 20 проценти тоа се 400.000 денари. Секако, 20 проценти што ги нуди општината се многу малку за жителите“, вели Димитров.

Тој нагласи дека сличен проблем имало и со жителите на Општина Бутел, кои не прифаќале општината да субвенционира само 25 проценти од износот за реконструкција, а потоа општината го зголемила процентот на субвенција на 40 проценти, па се усогласиле.

„Ако процентот на субвенции е поголем, жителите на зградите би се согласиле, луѓето го бараат тоа, поголеми субвенции, 30 проценти се премалку за да ги прифатат“, вели тој.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој за време на предизборната кампања вети дека ќе започнат со реализација на енергетската ефикасност во училиштата, исто и за 141 зграда вети дека ќе бидат имплементирани мерки за енергетска ефикасност, вели дека општината не учествува значително во тоа, но дека е преземена иницијатива за формирање на Заедниците на сопственици, пишува „Порталб.мк“.