Порталб: Автобуски постојки поставени, но автобуси во Тетово сѐ уште нема

Со иронија, сарказам и шеги, некои граѓани од Општина Тетово на социјалните мрежи го коментираат поставувањето на автобуските станици за јавен превоз во Тетово, имајќи предвид дека автобуси сè уште нема, пишува „Порталб.мк“.

Овие постојки се наоѓаат на неколку локации во градот, почнувајќи од универзитетскиот пат до центарот. Во меѓувреме, Теута Арифи за „Порталб.мк“ вети дека пред Нова година ќе заврши постапката за набавка на пет автобуси. Автобуските постојки пак ги чинеа граѓаните на Тетово вкупно 2 милиони денари.

Градоначалничката Арифи, ветувањето за јавен превоз во Тетово го даде уште за време на предизборната кампања за првиот мандат, односно пред 8 години.

Таа истакна дека станиците се поставени затоа што целта, како што вели, е работите да се финализирани што е можно побрзо, па паралелно се изведуваат и некои други работи во врска со јавниот превоз во Тетово.

„Ако завршиме со автобусите, а не го завршиме овој процес, тоа ќе претставува проблем за нашата функционалност. Наша тенденција е паралелно со автобусите да ги комплетираме станиците и да ја ставиме компанијата во функција со цел сите да бидат активни до Нова година“, рече таа.

Арифи вели дека пред Нова година целосно ќе се финализира постапката за снабдување со автобуси во Тетово. Во меѓувреме, на 13 ноември ќе се отворат понудите при што ќе биде избрана и компанијата што ќе го снабди Тетово со автобуси.

„Сега сме во постапка за набавка, имавме постапка која се повтори по оценките на комисиите и советниците на Светска банка, а ние проценуваме дека до Нова година, целиот процес на снабдување ќе биде завршен.Во меѓувреме се реализира целосното пуштање во работа на јавното сообраќајно претпријатие, кое потоа ќе управува со процесот на работа на овие автобуси. Ова е проект кој со помош на Светска банка и целосна посветеност на нашата администрација и администрацијата на Светска банка, ќе биде добро за граѓаните“, рече Арифи.

Потсетуваме дека Општина Тетово стигна до оваа фаза и последниот пат, а потоа потфрли, со образложение дека ниту еден од понудувачите не ги исполнил условите за да го добие тендерот.

Ветувањето за јавен превоз во Тетово, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи го даде за време на првиот мандат на локалните избори од 2013 година на изборната програма „Градиме заедно“, а истото го повтори и на дебатата организирана од „БИРН Косово“ и „Порталб.мк“ во октомври 2017 година. Ова ветување на Арифи не е исполнето.

Од друга страна, Општина Тетово во септември годинава по втор пат го основа Јавното претпријатие за јавен превоз „Тетово Транспорт“, бидејќи првото не функционираше и истото престана да работи автоматски поради законски рокови за функционирање на истото, а на последниот состанок на Советот на општината беше изгласан статутот на ова претпријатие.