Поради неплатен долг сопрена водата во студентскиот дом „Кузман“

Водата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје била сопрена утрово од ЈП „Водовод и канализација“, иако на претпријатието му било кажано дека е најдено решение за да се покрие долгот за вода, соопшти Државен студентски дом „Скопје“.

Според в.д. директорот Атанас Бојчев, водата била сопрена без предупредување.

– Постапката на ова јавно претпријатие е без оправдување, со оглед на фактот што раководството на „Водовод и канализација“ веќе беа информирани дека за долгот кон нив, за сметките за вода, е веќе најдено решение. Дека долгот кон ЈП „Водовод и канализација“, не е направен од новото раководство на домот. Напротив се работи за долг стар 5 години, направен од претходното раководство, со што е нарушено живеењето и секојдневните потреби на студентите во домот – вели Бојчев.

Тој појаснува дека во координација на Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија на последната владина седница, во вторникот, 26 септември, е донесена одлука да се обезбедат пари за целосно да се покрие долгот за вода на Студентскиот дом Скопје, кон „Водовод и канализација“.

– Останува само да се објави одлуката во „Службен весник“ на Република Македонија за нејзина правосилност, по што средствата веднаш ќе бидат префрлени на сметката на „Водовод и канализација – порачува Бојчев, кој вели дека ова е трето исклучување на водата во студентскиот дом без најава.