Полициско куче угинало откако полицаец го оставил во кола на пеколни температури

Тој по завршување на работните задачи со службеното куче, согласно наредба за вршење на служба, во задниот дел од службеното возило „дачија“, во боксот за транспорт го сместил службеното куче, раса белгиски овчар, го паркирал возилото со исклучени мотор и клима и го напуштил возилото на час и половина

Фото: Photo by Bella Pisani on Unsplash

Полициски службеник на работно место водич на службено куче, заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „убивање и мачење на животни“, соопшти МВР.

Тој на 12.06.2024 година од 10.00 до 12.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, по завршување на работните задачи со службеното куче, согласно наредба за вршење на служба, во задниот дел од службеното возило „дачија“, во боксот за транспорт го сместил службеното куче, раса белгиски овчар, го паркирал возилото со исклучени мотор и клима, а вклучена вентилација и го напуштил возилото на час и половина.

„Откако се вратил назад, забележал дека кучето било во лоша здравствена состојба, по што се упатил во ветеринарна станица каде било констатирано дека кучето веќе угинало. По извршена обдукција од страна на Факултет за ветеринарство било утврдено дека причина за угинувањето на кучето е угушување, предизвикано од топлотен удар“, велат од МВР.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди согласно своите надлежности и овластувања против полицискиот службеник Д.М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска и на материјална одговорност.