Поглаварот на МПЦ-ОА во божикното обраќање повика да се зачува мирот

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, денеска се обрати до верниците по повод празникот Рождество Христово – Божик, потсетувајќи дека денеска целокупното Божјо создание, чијашто круна е човекот, празнува и се радува.

„Секогаш и насекаде, пред сè, треба да имаме и да покажуваме благодарност кон Бога за неговата неизмерна љубов кон нас. Ние немаме со што соодветно да му возвратиме на Бога, освен со постојаност во верата, потврдена со дела и преку љубовта кон него и кон сите луѓе“, стои во обраќањето на г.г.Стефан.

Како членови на Црквата, поглаварот потсети дека сме должни да ја сакаме и да се грижиме за неа.

„Православните христијани во Република Македонија се чеда на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, па затоа сите сме повикани да даваме придонес за нејзиниот углед, благосостојба и за напредок. Таа не припаѓа само на свештенослужителите, туку на целиот православен народ. Низ историјата, нашите предци ни оставиле пример како треба да се грижиме за нашите свети нешта. Секој камен вграден во нашите храмови е принос и придонес на православниот Македонец за Бога и за Црквата. Затоа и насилното уривање на тој камен и на сè што ѝ припаѓа на светиоста, би значело газење и понижување на верата и на достоинството на оној на кој истите му припаѓаат. Целта на таквото однесување е уништувањето на христијанските основи врз кои постоиме и опстојуваме“, стои во посланието.

Поглаварот г.г. Стефан повика да се зачува и да се гради мирот и единството меѓу нас самите, „овде во татковината и насекаде каде што нè има по светот, како во Црквата, така и во сите македонски средини и заедници“.