Како последица на ковид-19 изутринава, на 79 годишна возраст почина еден од најреномираните македонски новинари, Тачко Локвенец. Тој ја започна својата кариера на 5 мај, 1963 година како дипломец на Филозофскиот факултет во Скопје и млад приправник во „Нова Македонија“ и до крајот на работниот век беше дописник на овој дневен весник.
Еден период од својата кариера беше дел од редакцијата на „Вечер“ во Скопје. Во една пригода, сеќавајќи се за младешките новинарски денови од својот работен ангажман ќе рече:
„Еден ден ме пуштија во општина Идадија, да барам интересни материјали. Реков, ме интересира образование. Отидов кај надлежниот во Општината, а тој во еден момент замина во друга канцеларија. На масата видов материјал „доверлив“ – образование. Ја зедов веднаш папката, ја ставив во јакната и да ме нема … Сабајле кога излезе весникот, ѕвонат телефони во редакција: Кој е тој новинар? Што е ова што го напишал …? Во редакцијата се загрижија, ми предложија адвокат, зашто тензиите високо се кренаа. Но, кога му кажав на уредникот дека материјалот е автентичен, си ја повлекоа тужбата, а уредникот ме охрабри: „Не се секирај!““, се присеќаваше Локвенец.
По својата храбра и остра новинарска перцепција ќе останат запаметени неговите: „Прилепскиот дневник“, „Во Прилеп се зборува и молчи“, „Засипи од судот“, „Кои се тие што најмногу заработуваат во Прилеп“.
Негови текстови беа објавувани и во „Остен“, во локалниот неделник „Народен глас“, во списанија во поранешна Југославија. Локвенец беше коосновач, а потоа сопственик на списанието „Порта“ и повеќе од едена деценија до последен момент посветено ги бележеше позитивните случувања во градот и државата на страниците на ова списание.
Како неуморен творец и хроничар пред сè на животот на прилепчанецот, тој е автор на повеќе книги: „Судница лудница“, „Ние сме тука“, „Вест и власт“, „Љубовни легенди„, „Илинденски обелиск“, „Дабница“. Тој е автор на монографијата посветена на 60-годишнината од прехранбениот гигант „Витаминка“.
До последниот момент од својот живот беше посветен на творештвото. Подготуваше книга која требаше да биде пресек на предизвиците на македонското новинарство. Не ја заврши. Тачко Локвенец беше и редок познавач на делата на класиците во книжевноста, извонреден колега, граѓанин, вечен вљубеник во чаршијата, еснафите, во доброто во човекот.
Посмртните останки на Локвенец ќе бидат погребани денеска во 15 часот на новите градски гробишта во Прилеп, „Песјобрдце“.