Почина Слободан Чашуле

По кусо боледување, на 70-годишна возраст, ноќеска во Мадрид, каде ја вршеше должноста македонски амбасадор во Шпанија, почина Слободан Чашуле, македонски новинар, политичар, министер за надворешни работи на Македонија во периодот 2001 – 2002 година.

Чашуле е роден во Скопје, на 27 септември 1945 година. Тој е син на познатиот македонски писател Коле Чашуле. Во 1972 година, Чашуле го завршил своето образование на Папскиот католички универзитет во Лима, Перу.

Слободан Чашуле бил новинар и основател на ТВ „Скопје“, дописник на ТВ „Скопје“ во Чиле и во Перу, дописник за „Танјуг“ во Латинска Америка и на Карибите, главен уредник на „Танјуг“ во Македонија.

Од 1990 до 1994 година е директор и главен уредник на македонското радио, потоа генерален директор на „Нова Македонија“ – Скопје.

На 30 ноември 2001 година, Чашуле стана министер за надворешни работи на Македонија, четврти по ред во владата на Љубчо Георгиевски. Во 2002 година, избран е за пратеник во македонското Собрание.

Чашуле беше и уредник на неделникот и на веб-порталот „Форум“.