„Побарај совет“ е првата интернет платформа за правна помош за жени кои претрпеле семејно насилство. Платформата ја објави Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ со поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Од Здружението посочуваат дека обезбедувањето на навремени правни совети и поддршка согласно специфичните индивидуални проблеми на жените ќе придонесе за нивно правно зајакнување и подготвеност самостојно да се вклучат во постапките за остварување на нивните права пред надлежните институции.
„Преку оваа платформа жените ќе добијат информации за законските можности за заштита од семејно насилство и ќе имаат можност да постават конкретни прашања за надминување на проблемот со насилството и разрешување на проблемите кои се последица на семејното насилство, како што се разводот на брак, старателството над децата, издршката, имотните односи, наследувањето, кривичните дела поврзани со семејното насилство, можностите за итна заштита преку привремени мерки за заштита, итн.“ се вели во нивното соопштение.
Платформата ќе содржи и посебен дел за практичарите од надлежните институции, како што се центрите за социјална работа, полицијата, основното јавно обвинителство и судовите, кои ќе имаат можност да постават прашања и да се консултираат при постапувањето во предмети поврзани со семејно насилство.