Платата на премиерот е 140.450 денари, а на министрите по 115.540 денари

Владата јавно ги објави платите на највисоките функционери, како дел од нивната заложба со поголема дигитална транспарентност

Фото: Мета.мк

Владата јавно ги објави платите на претседателот на Владата, како и на министрите.

Според објавените податоци, највисока нето-плата има Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, со износ од 140.450 денари, односно околу 2.280 евра. Останатите министри и вицепремиери имаат нето-плата од 115.540 денари, односно 1.870 евра.

Фото: Принтскрин од веб-сајтот на Владата на Република Северна Македонија

Податоците се објавени во делот „отчетност“ на веб-сајтот на Владата како јавен податок. На веб-страницата се истакнува дека јавното огласување на платите е дел од заложбите на Владата за зголемена дигитална транспарентност.

Во објавените податоци исто така може да се забележи оти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претставува исклучок, со тоа што зема дополнителни 24.865 денари во споредба со останатите министри, односно има нето-плата од вкупно 140.405 денари, речиси исто колку премиерот. Од Владата посочуваат дека на министерот за внатрешни работи му се утврдува зголемување за 20 отсто на платата за извршување на својата функција, согласно решението бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година.