Пендаровски: Во моментов нема потреба од прогласување вонредна или кризна состојба на целата територија

Советот за безбедност на вчерашната седница проценил дека во моментов нема потреба да се прогласува вонредна или кризна состојба на целата територија на државата, заради справување со корона вирусот, изјави претседателот Стево Пендаровски.

– Заклучокот на Советот за безбедност во однос на целокупната ситуација и во однос на она што министерот за здравство го изнесе како можна проценка за евентуално ширење на болеста понатаму на наша територија, е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна, адекватна на ризиците на коишто сме изложени – изјави претседателот Пендаровски. 

Заклучокот на Советот на безбедност бил дека ако има потреба, може да се препорача на Владата да прогласи кризна состојба и во други општини, освен во Дебар и Центар Жупа.

– Општ беше заклучокот дека не е потребно да избрзуваме со голо декларирање на евентуално повисоко ниво на некои состојби, како што е на пример вонредната состојба или кризната состојба на целата територија, затоа што, реков, во овој момент, според сите проценки на надлежниот ресор и министер, опасност дека такво нешто може да се случи не постои или ако поинаку се поставиме со некоја таква новопрогласена правна состојба, не значи дека ќе превенираме ситуација до која не би сакале да дојде – рече претседателот Пендаровски. 

Јасно е, рече тој, дека кризата ќе трае, а ние мораме ресурсите кои ги имаме да ги димензионираме спрема реалните потреби и спрема реалните ризици.

– Во оваа ситуација, по овој повод би сакал да упатам, во име на Советот за безбедност, апел до граѓаните да ги почитуваат стриктно сите мерки, затоа што тоа е најдобриот начин да се спречи ширењето на болеста, на епидемијата – рече претседателот Пендаровски, упатувајќи порака до сите граѓани без потреба да не патуваат надвор, особено во земји кои се високо, умерено или средно ризични.

Исто така, Претседателот упати апел до нашите државјани кои работат во другите европски држави или во другите држави во светот, а над 150 се зафатени со овој вирус досега, без голема потреба да не се враќаат во својата земја. Тие имаат право да го сторат тоа, рече Претседателот, меѓутоа поради ситуацијата, секој трансфер преку неколку граници, преку неколку територии, може да ги донесе до ситуација да бидат во контакт со лица кои се заразени.

Сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата на терен и реагираат брзо и навремено, рече Претседателот, а Советот за безбедност постојано ќе ја следи состојбата.

Покрај постојаните членови на Советот за безбедност, на вчерашната седница присуствуваа и министерот за здравство, Венко Филипче и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.