Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Постои отворена опција за пролонгирање на рокот за спроведување на пописната акција од 1 до 21 април годинава, според донесениот Закон за попис, доколку претходно за тоа се постигне политички консензус. Ова прашање го наметна претседателот Стево Пендаровски во синоќешното гостување на ТВ24, при што посочи дека одговорноста во овој случај треба да биде кај власта и таа да подава рака на опозицијата.

„Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од сѐ друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот или пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Сосема легитимни се барањата од аспект на здравството. Ако сме чекале 20 години, нема да е грев да биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот“, изјави Пендаровски.

Тој додаде дека е методологијата за пописот ќе биде дадена на увид на сите и тука може да се имплементираат конструктивни предлози, а дека најголема штета од бојкотот на пописот ќе имаат оние кои повикуваат на бојкот, бидејќи се залагаат за една етничка заедница.

„Сметам дека од повикот на бојкот ќе има штета за онаа етничка заедница за која се залагаш, а можно е на крај на пописот некои политички субјекти да кажат дека не ги признаваат резултатите, тоа е легитимно. Со бојкотот ќе се направи голема политичка штета, нема да добиеш ништо, туку ќе изгубиш“, потенцираше Пендаровски.

Во врска со изјавата на Пендаровски за можно одложување на рокот за спроведување на пописот, премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција, на новинарско прашање изјави дека е спремен за одложување.

„Го видов и предлогот на претседателот Пендаровски да се одложи на некој месец пописот, ок, јас сум секогаш спремен, сѐ е вредно за размислување. Знаеме летото попис не се спроведува, септември е кампања, октомври е изборен период за локални избори. За власта е прифатливо пописот да се одложи до средината на јуни, но опозицијата го одби тој предлог“, изјави Заев, додавајќи дека пописот ниту скратува, ниту дава права, дека податоците се потребни за развој на државата и за економските политики. „Затоа уште еднаш ќе ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот“, посочи Заев.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ, како што најави вчера преседателот Христијан Мицкоски, денеска ја започна постапката за поништување на Законот за попис, со поднесување на иницијативата до ДИК за собирање на граѓански потписи, кои се планирани за почеток на март. Главниот аргумент на партијата е дека поради ковид кризата пописот е ризичен за здравјето на граѓаните и затоа се апелира тој да се одложи за в година или пак, годинава да се спроведе по електронски пат, по примерот на повеќе држави од соседството. Според ВМРО-ДПМНЕ, предлогот на Пендаровски за компромис околу почетокот на пописот, е задоцнет. Мицкоски на денешната прес конференција изјави дека ништо нема да промени доколку пописот се одложи за неколку месеци, затоа што сѐ уште нема вакцини против ковид-19 за заштита на пописните тимови и на граѓаните.