PayPal нуди 45 милијарди долари за да го купи Pinterest

Photo by Souvik Banerjee on Unsplash

Сервисот за онлајн плаќања PayPal понуди 45 милијарди долари за купување на онлајн пинбордот Pinterest, којшто служи за споделување на визуелни содржини, јавуваат светските медиуми. Двете компании се во напредна фаза на преговори, а доколку се постигне договор, тогаш оваа зделка ќе биде најскапото купување на компанија во технолошкиот сектор годинава и највисоката сума исплатена за социјална мрежа досега.

Историскиот рекорд на исплатена сума за купување на социјална мрежа засега го држи компанијата Microsoft, која во 2016 година плати 26,2 милијарди долари за купување на LinkedIn.

Разговорите меѓу PayPal и Pinterest доаѓаат во период кога постои забележителен раст на онлајн купувањата на социјалните мрежи, така што корисниците ги следат инфлуенсерите на TikTok и Instagram коишто промовираат најразлични производи. Со купувањето на Pinterest, PayPal ќе овозможи да го зголеми растот на профитот од е-трговија и да си дозволи дополнителни приходи од рекламирање.

Идејата на PayPal е да се користи нивниот сервис за онлајн плаќања за купување од корисниците на социјалната мрежа Pinterest, која што пак би се користела како платформа за рекламирање преку визуелно прикажување на производите и услугите што се нудат, задржувајќи ја притоа и концепцијата на социјална мрежа.

Ројтерс пишува дека треба да постои претпазливост во однос на финалното склучување на договор, бидејќи условите и сумите од евентуалниот договор може да се променат.