Патничка загина во директен судир на две возила кај Росоман

Едно лице го загубило животот, а две биле повредени во сообраќајна несреќа што денеска околу 12.30 часот се случила во близина на Росоман, соопшти попладнево Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму до несреќата дошло при директен судир на автомобил „форд фиеста“ и возило марка „мерцедес“.

„Патничко моторно возило ‘форд фиеста’ со скопски регистарски таблички, движејќи се на патот, кај местото викано Камендолска спирка во близина на Росоман се исклучило од колоната возила, сакајќи од левата коловозна лента да сврти лево на спротивната страна на патот. При тоа, возилото го пресекло патот на друго патничко возило марка ‘мерцедес’, кое доаѓајќи од спротивната насока директно удрило во ‘форд фиестата’. Од ударот на самото место починало едно лице, патничка на ‘форд фиестата’, а повредени се возачот и совозачот“, стои во соопштението на Обвинителството.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци извршил увид на местото на несреќата и издал наредба за обдукција на телото на почината патничка, за прибирање на траги од местото и за сообраќајно-техничко вештачење.