Основците од Тетово се запознаваа со улогата на Народниот правобранител

Што претставува институцијата Народен правобранител и кои се детските права, осмоодделенците од основното училиште „Андреа Савески Ќиќиш“ од Тетово имаа можност да слушнат лично од заменичката на народниот правобранител, Ирина Стојановска. Посетата беше во рамки на проектот за збратимување, „Промоција на надлежностите на Народниот правобранител и јакнење на неговите институционални капацитети“.

– На децата од основното училиште „Андреја Савески Ќиќиш“ им ја презентиравме улогата на Народниот правобранител, пред сè неговата улога во однос на заштита на детските права, кои се гарантирани со Конвенцијата за правата на детето – изјави Ирина Стојановска, заменичка на народниот правобранител.

Првиот закон за Народен правобранител беше усвоен во 1997 година, а во 2003 година донесени се законски измени со кои инстутуцијата се децентрализира и се отворија регионални канцеларии. Регионалната канцеларија во Тетово успешно функционира во насока на штитење на уставните и на законските права на граѓаните. Годинава тетовци на Народниот правобранител најмногу му се жалеле на двојното задолжување за радиодифузна такса.

Претставка до Народниот правобранител може да поднесе секој граѓанин и истата мора да содржи име, презиме, адреса и телефон за контакт. Поднесувањето на претставката и целокупната постапка пред Народниот правобранител е бесплатна.