Оливер Драгојевиќ и Тамара Тодевска ќе пеат на плоштад за Нова година

Оливер Драгојевиќ и Тамара Тодевска ќе ги забавуваат скопјани на плоштадот Македонија за дочекот на Нова година, најави денеска на прес-конфоренција градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Спонзори на вечерта ќе бидат „Македонски телеком“, „Пивара Скопје“ и „Сити мол“, кои во текот на наредните денови ќе организираат повеќе забавни активности за граѓаните на Скопје.

– В сабота, на 26 декември, ќе има настап на музичари на плоштадот Македонија во организација на Град Скопје, на 27 декември ќе има дедомразовска трка, која ја организира „Пивара Скопје“, на 31 декември ќе дојде Дедо Мраз и во 21 часот вечерта почнува новогодишната програма со диџејски настап, Тамара Тодевска и со Оливер Драгојевиќ во организација на „Телеком“ – истакна Трајановски и додаде дека на полноќ ќе има богат огномет.

Град Скопје ги кани сите граѓани што сакаат да ја дочекаат Нова година на отворено, да бидат дел од овој настан, како што велат, вреден за паметење.

Програмата за пречекот на Дедо Мраз почнува во 11.40 часот, со театарска престава за најмалите, во 12 часот ќе има спуштање на Дедо Мрез од Триумфалната порта „Македонија“ и негово патување до плоштадот со пајтон и со вовче.