Градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца, Константин Георгиевски, Рамиз Мерко и Зоран Ногачески, денеска во Охрид потпишаа заедничка изјава дека ја поддржуваат Студијата за валоризација на Охридското Езеро. На овој начин тие ја потврдија подготвеноста да соработуваат во процесот на репрогласување на Охридското Езеро за споменик на природата.
На настанот присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој истакна дека веќе постигнуваме напредок во делот на заштита на Охридското Езеро, кое е една од најрепрезентативните и меѓународно препознаени природни убавини во нашата држава.
„Студијата за валоризација на споменикот на природата – Охридско Езеро и работата на Нацрт-Планот за управување, е една од клучните активности со кои ја покажуваме подготвеноста вистински да го заштитиме Охридското Езеро“, рече Нуредини.
Тој смета дека единствен начин да се постигне поставената цел е заедничкото, здружено делување на централната и локалната власт, воспоставување соработка и добра координација на локалните самоуправи. Студијата за валоризација денеска им беше предадена на општините, а нивните совети ќе треба и формално да ја усвојат и да ја достават до Министерството, како услов за да отпочне постапката за повтoрно прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Исто така, во рамки на настанот, беше направени и примопредавање на Сертификатот на градоначалниците на трите општини, во кој е наведено дека Охридското Езеро е внесено во светската Рамсарска листа на заштитени водни живеалишта.
Според директорот на Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, Борис Ерг реномирани национални и меѓународни организации за зачувување, во последниве неколку години, водеа истражувања во и околу Охридското Езеро, а собраните податоци се интегрирани во Студијата за валоризација за Охридското Езеро. Меѓутоа, според него, за ефективно управување со езерото и заштита на неговите извонредни природни вредности, клучна е заедничката визија на Министерството за животна средина и трите општини околу Охридското Езеро, како и поддршката и соработката на граѓанските организации.
Студијата за валоризација за Охридското Езеро е изработена во рамките на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биодиверзитетот во планирањето на употребата на земјиштето“, кој е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (GEF) и имплементирана од Регионалната канцеларија на Обединетите нации за животна средина (UNEP) во Виена, а регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) беше ангажирана да го координира процесот на подготовка на клучните документи.