Охрид и Струга oстанаа без вода поради неплатени сметки за струја

Охрид и Струга синоќа останаа без вода зашто водоснабдувачкото претпријатие „Проаква“ не си ги платило сметите за електрична енергија. ЕВН го исклучи електричното напојување на главните пумпи од кои граѓаните се снабдуваат со вода.

Граѓаните бргу реагираа, нагласувајќи дека тие не се виновни за овој проблем и дека редовно и навреме ги намируваат сметките кон претпријатието „Проаква“ за потрошена вода.

Од „Проаква“ се обидоа да го забошотат проблемот, изјавувајќи дека ЕВН изведувала некакви работи, поради што дошло до прекин во водоснабдувањето.

Од ЕВН, пак, официјално соопштија дека струјата е исклучена поради неплатени долгови во износ од неколку милиони евра. Најавија судска разврска, но во интерес на граѓаните повторно го вклучија напојувањето.

Компанијата била принудена да ја исклучи „Проаква“ од електросистемот затоа што не бил постигнат договор за сервисирање на милионските долгови поради незаинтересираноста на другата страна за решавање на проблемот и за плаќање на електричната енергија.

За настанатиот проблем реагираа од опозицискиот СДСМ.

– Вечерва охриѓани и стружани го доживеаја најголемиот апсурд и срам, да живеат покрај вода, а да немаат вода за пиење, поради долгови на меѓуопштинското водоснабдително претпријатие „Проаква“. Единствен виновник за оваа катастрофална состојба е лошото, недомаќинско менаџирање на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Токму сегашниот директор на „Проаква“, Томе Паскалоски, е човекот кој го заглави до гуша во долгови ова претпријатие, во претходното негово директорување. Згора на сè, пред околу една година Паскалоски си ја зголеми платата за 10.000 денари, на грбот на охриѓани и на стружани – велат во СДСМ.

Ова не е првпат граѓаните на Охрид да бидат колатерална штета на војната помеѓу двете страни. Во 2008 година, ЕВН од истите причини ја исклучи струјата во управната зграда на „Проаква“ и во главниот резервоар на водоснабдувачкиот систем кај „Билјанини извори“.