Охрид и Струга очекуваат десетици илјади гости за велигденските празници

Охрид и Струга за велигденските празници очекуваат најмалку десетина илјади туристи од земјата и од странство. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вели дека побарувачката за Охрид никогаш не била поголема од годинава. Според него, велигденските празници ќе бидат првиот тест и најава за успешна летна туристичка сезона.

Според христијанската православна традиција, велигденските јајца се вапсуваат во четврток, но локалната самоуправа од Охрид веќе ги постави на градскиот плоштад, како најава и мамка за туристите.

Успешна летна туристичка сезона, и покрај мигрантската и политичката криза во земјава, очекуваат и хотелиерите.

– За Велигден, традиционално, имаме огромен број туристи. Најбројни се гостите од регионот, од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, но ќе имаме и од подалечните земји. Традиционално ќе ги имаме и гостите од Холандија, Данска, годинава и од Израел и од Полска – вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ и главен менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга.