Одлуките на општинско ниво и понатаму ги носат мажи, на раководните позиции многу мал број жени

Извор: Скриншот од одржаната он-лајн дебата

Од 751 лидерска позиција во 17 општини што се анализирани низ земјава, на 553 од нив биле поставени мажи, додека на само 198 лидерски позиции се наоѓале жени. Спроведеното истражување во рамките на проектот „Родовата анализа на лидерските позиции и општинските програми 2020/2021“, покажува дека одлуките што се носат на општинско ниво се носат од мажите. Ова беше заклучокот што го сподели Љупка Трајановска, раководителка на тимот на истражувачи во овој проект на денешната дебата „Предизвиците за родовата еднаквост во процесот на носење одлуки“.

Трајановска го презентираше истражувањето спроведено во 17 општини од осум региони во земјава, кое покажа дека од 17 градоначалници и претседатели на општинските совети, во актуелниот раководен состав има само две градоначалнички и две претседателки на општинските совети. Кај членовите на општинските совети, 189 од избраните советници се мажи, додека 89 се жени, но влијание врз поголемата застапеност на жените во општинските совети е поради постојниот Изборен законик, во кој постои квота од 30 отсто за застапеност на жените на советничките листи.

Наспроти ваквите квоти, истражувањето спроведено од Центарот за истражување и креирање политики во соработка со Новинари за човекови права, Рурална коалиција и Асоцијација на млади и Ромки – Лулуди и ЕХО – Штип, покажува дека кај претседателите на урбаните и месните заедници во овие 17 општини, има само три жени, додека дури 217 се избрани мажи на оваа функција. Наспроти ова, кај директорите на градинките, дури 15 се жени – директорки, додека во овие општини има само еден маж што е именуван за директор на градинка.

Љупка Трајановска посочи дека од избраните 17 општини што биле вклучени во анализата, се издвојува Општина Вевчани каде 44 отсто од донесувачите на одлуки се жени, по што следи Гевгелија со 41 отсто. Наспроти ова, на дното се наоѓаат општините Брвеница, Липково и Струга, каде жените како донесувачи на одлуки се застапени од 15 до 18 отсто.

Во однос на ваквите резултати од истражувањето, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се вклучи во дебатата, посочувајќи дека стереотипната улога на жените низ вековите наназад, за грижа на децата и немоќните лица, се пресликува и денес кај раководниот кадар на градинките, центрите за социјална грижа на децата и на старите лица.

Шахпаска на дебатата додаде дека дури и во законодавниот дом, каде што жените влегуваат во квоти како пратенички, тие не се поеднакво застапени на позициите претседатели на собраниските комисии и парламентарните тела. Таа смета дека новиот закон за родова еднаквост ќе ја даде законската рамка, со што ова прашање ќе се издигне на повисоко ниво во земјава.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на дебатата истакна дека воведувањето на квотите донесе резултат и дека тој резултат ќе беше невозможен без квотите за жени-избранички во законодавниот дом и на општинските листи за советници.

„Мислам дека квотите треба да ни бидат модел, којшто на различни нивоа ќе ни покаже резултати и ќе донесе промени“, изјави министерката Шекеринска.

Таа го посочи примерот со доминантната улога на мажите во спортот, при што Шекеринска напомена дека учеството во спортските активности неколкукратно ги зголемува шансите за успех во професионалниот развој на жените, но во спортот во земјава ние ги дискриминираме жените. Шекеринска нагласи дека спортските федерации и клубови во земјава треба да се обврзат во развојот на женски репрезентации, заедно со машките.

Шекеринска на дебатата го потенцираше и говорот на омраза и сексистичките коментари коишто се особено присутни на социјалните мрежи, за кои посочи дека бројни нејзини колешки се откажале од политички ангажман поради огромното вербално насилство што ги таргетира жените.

На денешната дебата се вклучи и заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој рече дека на општинско ниво актуелниот раководен состав избран на локалните избори во 2017 година се состои од шест градоначалнички што предводат општини низ целата земја. На локалните избори во 2017 година имало 15 кандидатки за градоначалнички на општините. Наспроти ова, на изборите во 2013 година се натпреварувале 29 кандидатки, но биле избрани само четири градоначалнички. Во 2009 година, имало 13 кандидатки, но не била избрана ниту една градоначалничка во општините низ земјава, рече заменик министерот Димитровски.

На денешната дебата се дискутираше и за глобалниот извештај за родовиот јаз на Светскиот економски форум 2021, кој укажува дека уште една генерација жени ќе мора да чека за целосно остварување на родовата еднаквост. Овој извештај покажува дека влијанието на ковид-19 пандемијата продолжува да се чувствува, а штетните последиците особено ќе ги погодат жените. Затворањето на глобалниот родов јаз се зголеми за генерација од 99,5 години на 135,6 години.

Денешната дебата се организираше во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Низ женски леќи: поткревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ и претставува завршен настан за кампањата што проектот ја спроведе во периодот од 8 март до 8 април 2021 година како Месец на родова еднаквост во носењето одлуки.