Од денеска најитните случаи со хеликоптер ќе се танспортираат од една болница во друга

Oпремата во хеликоптерот опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти

Фото: МВР

Со хеликоптер во кој има нова опрема за итна медицинска помош, од денеска ќе се превезуваат најитните случаи од една локација на друга низ земјава. Денеска беше изведен првиот пробен лет, од Градската општина болница „8 Септември“ – Скопје до Клиничката болница Битола, како една од пооддалечените точки. Ова е соработка меѓу Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи.

Фото: МВР

Министерот Оливер Спасовски, ја потенцира соработката со словенечката полиција која овозможила да се инсталира медицинската опрема.

„Изминатиов период Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Словенија остварија значителна соработка во областа на воздухопловството. Како резултат на таа соработка хеликоптерската единица на словенечката полиција донираше различна опрема за извршување на специјализирани воздухопловни операции меѓу кои и специјална опрема за извршување на летови за меѓу-болнички транспорт”, рече министерот Спасовски.

Тој појасни дека опремата е компатибилна на двата хеликоптери марка „Бел“ кои ги користи Одделот за воздухопловни единици и истата се состои од медицински пакет кој овозможува транспорт на пациентот и целата медицинска опрема потребна за пациентот за време на летот. Монтажата и демонтажата на медицинскиот пакет е процес кој не одзема многу време, т.е за десетина минути, хеликоптерот може да се доведе од било која конфигурација во конфигурација за меѓу болнички транспорт и обратно.

Министерот Меџити кажа дека на овој начин се овозможува подобра заштита како и побрз транспорт на пациентите до здравствените установи.

„Драго ми е за соработката, која уште повеќе ќе унапредува и ќе се обидеме понатаму да ја развиваме, а граѓаните на Северна Македонија треба да знаат дека секогаш сме овде за нивните потреби“, рече Меџити.

На првиот лет присуствуваше и  неговата заменичка Маја Манолева која кажа дека опремата во хеликоптерот опфаќа монитори за следење витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и други медицински инструменти.