Обвинителството бара притвор за осомничениот за двојното убиство во Стајковци

Осомничениот ги нападнал својот брат и снаата со метална шипка, нанесувајќи им смртоносни повреди

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство Скопје доставило предлог за определување мерка притвор за лицето осомничено дека ги сторило кривичните дела – убиство, во скопско Стајковци претходно неделава.

Против лицето беше поведена истражна постапка откако во вторникот, на 14 мај, при вршење семејно насилство, во семејниот дом во Стајковци со умисла ги лишил од живот својот брат и снаата.

Осомничениот, како што соопштија од обвинителството, прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипка му нанел смртоносни повреди.

По настанот, лицето осомничено за кривичните дела било хоспитализирано.

„Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка“, соопштија од Јавното обвинителство.

Двојно убиство на брачен пар во Стајковци, осомничениот пронајден со убоди и е хоспитализиран