Обвинителството бара да се одблокира сметката на „Макпетрол“

Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на предходна постапка денеска доставило предлог да биде одблокирана сметката на „Макпетрол“ и на „Оилко“, бидејќи, како што соопштуваат, по доплнителните докази, прибавени вчера била утврдена „потребата од ослободување на сметките на друштвото со цел овозможување непречена работа“.

„Основното јавно обвинителство Скопје постапувајќи по допрен глас (информации објавени во медиумите) во текот на вчерашниот ден прибави дополнителни докази од „Макпетрол АД – Скопје“, од кои се утврди потребата од ослободување на сметките на друштвото со цел овозможување непречена работа, како на „Макпетрол АД Скопје“, во рамките на исполнување на веќе преземените обврски за снабдување со енергенси на други субјекти, така и со цел овозможување на работата на трети правни лица во кои „Макпетрол АД Скопје“ се јавува како единствен содружник и извор на финансиски средства за нивното работење. Од тие причини во рамките на жалбената постапка, што се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје, по повод изјавената жалба од правните лица „Макпетрол АД“ и „Оилко КДА – Скопје“ против донесеното решение на судијата на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, доставен е одговор на жалба од Основното јавно обвинителство – Скопје, во кој е даден предлог жалбата на решението во делот на ослободување на банкарските сметки да биде уважена“, стои во соопштението на Јавното Обвинителство.

Оттаму додаваат дека до судијата на предходна постапка е доставен предлог за следење на платниот промет и трансакциите на овие две друштва.

Од Обвинителството информираат дека во тек е предистражна постапка во врска со кривичната пријава што МВР ја поднесе против 21 лице, меѓу нив и претседателот на управниот одбор на „Макппетрол“ и уште неколку раководни лица во нафтената компанија. Според Обвинителството, а согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) предистражната постапка на јавното обвинителство и полицијата е тајна и во интерес на постапката нема да соопштуваат повеќе детали.