Обама: Брексит стави пауза на интеграцијата на Европа

Одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија го става целиот проект на ЕУ за евроинтеграција на пауза, соопшти денеска американскиот претседател Барак Обама.

Обама за „Ен-пи-ар“ денеска изјави дека Брексит доведе до пресилна реакција низ целиот свет.

– Се создаде мала хистерија по гласањето за Брексит, небаре НАТО исчезна, трансатлантската алијанса се распадна, а секоја држава поита кон својот ќош. Тоа не е тоа што се случи – рече Обама.

Тој рече дека нема да ја „пренагласува“ оваа хистерија.

– Сметам дека најдобар начин да се гледа на ова е да се рече дека е притисната копчето за пауза на проектот за целосна европска интеграција – рече Обама.

Според американскиот претседател, Брексит во голема мера е последица на тоа што ЕУ „веројатно се движи пребрзо и без премногу консензус“.

Обама ја посочи Норвешка, која не е членка на ЕУ, но има пријателски односи со Унијата.

– Доколку за двете години, колку што ќе траат преговорите меѓу Англија и Европа, Велика Британија ги оконча врските со Европа, како што тоа е случајот со Норвешка, тогаш просечниот човек нема да забележи некоја голема разлика – вели Обама.

Одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ предизвика паника во светот, која придонесе за пад на акциите во услови на финансиска и на политичка несигурност. На 23 јуни, најмалку 51,9 отсто од гласачите биле за напуштање на Унијата.