Новите членови на Антикорупциска комисија дадоа свечена изјава во Собранието

Фото: Мета.мк

Новоизбраните членови на Државната комисија за спречување на корупцијата попладнево во Собранието дадоа свечена изјава.

Тие беа избрани претходно на пленарна седница со 65 гласа „за“, 10 воздржани и ниту еден глас против.

Претседателка на Комисијата е Билјана Ивановска, а членови се Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеноски и Салаи Шемши.

Новите антикорупционери имаат мандат од пет години, а согласно новите овластувања ќе го следат и претстојниот изборен процес во делот на финансирање на политичките партии.

Пратеникот Мухамед Зеќири смета дека е добиено „професионално, стручно, целосно независно и зајакнато тело за борба против корупцијата.“

„Изборот на кандидатите беше направен преку најтранспарентниот процес досега. Во процесот на селекција, покрај условите за стручност, искуство и апсолутно никаква поврзаност со политички партии, кандидатите беа избрани преку јавни интервјуа, во кои покрај Комисијата за селекција, учествуваа и експерти, новинари, претставници на невладиниот сектор.Новиот Закон за борба против корупцијата и судир на интереси предвидува проширени надлежности на Антикорупциската комисија, како и зајакнати механизми кои ќе им овозможат поефикасна работа“, изјави Зеќири.