Нов конвој хуманитарна помош за Мадаја

Нов конвој со хуманитарна помош утринава од Дамаск тргна кон градот Мадаја, кој е под опсада на сириските сили и во кој жителите гладуваат.

Портпаролот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст потврди дека конвојот од околу 50 камиони со храна и со лекови тргнал од Дамаск.

По реакциите на меѓународната јавност поради вестите за алармантната ситуација во Мадаја, сириските власти попуштиле и вчера дозволиле влез на 44 камиони со хуманитарна помош во градот со 42.000 жители.

Друг конвој од 17 камиони утринава се упатија кон две шиитски места, Фуа и Кафраја, во северозападната провинција Идлеб, кои се под контрола на бунтовниците.

Невладината организација „Лекари без граници“ соопшти дека од 1 декември досега 28 лица починале од глад во Мадаја.
Во местата Фуа и Кафраја, жителите исто така живеат во тешки услови, иако сириските власти неколкупати успеаја да достават помош.

Мадаја е поранешен планински туристички центар, во близина на либанската граница, а од минатото лето е под опсада на силите верни на претседателот Башар ал-Асад.