„Немате независно судство“ – Европската комисија со загриженост за владеењето на правото во земјава

Во најновиот извештај за владеење на правото на Европската комисија (ЕК) за првпат влегува и С.Македонија, каде се изразува сериозна загриженост за независноста на судството

Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Независноста на судството во Северна Македонија е клучен предизвик пред кој е исправена државата и е нотирана во најновиот извештај за владеење на правото на Европската комисија (ЕК).

Овој извештај се објавува еднаш годишно за сите држави членки на Европската Унија (ЕУ), а оваа година за првпат во него се опфатени и земјите кои се наоѓаат во пристапен процес.

„Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување (н.з.Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки“, се вели во извештајот.

Во делот посветен на нашата државата, стои дека Северна Македонија имала неколку реформски бранови во правосудството и усвоила нова Стратегија во правосудството за да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста.

„Сепак, независноста на судството и институционалниот капацитет да се заштити од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост. Нивото на утврдената независност на судството е многу ниско“, пишува во извештајот.

Во него стои дека останува загриженоста за функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако во овој поглед се преземени чекори.

„Случувањата во рамките на Судскиот совет имаат негативно влијаеше на довербата на јавноста во судството. Претседателката на Судскиот совет беше разрешена од функцијата, а подоцна беше вратена на функцијата, по одлуката на Управниот суд“, се нотира во извештајот.

Како забелешка се нотирани и средствата што се одделуваат за правосудниот систем, за кој се вели дека се „ограничени“ и можат да влијаат на неговата финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата. Понатаму, се нотира дека решенијата за именување на јавни обвинители од Советот за јавни обвинители и на судиите од Судскиот совет биле критикувани од граѓанските организации дека не се засновани на објективни критериуми.

Европската комисија во извештајот забележува дека во земјава постои сеопфатна стратегија за борба против корупцијата, но заостанува нејзината имплементација.

„Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво“, оценува ЕК во извештајот.

Во документот се посочува дека според истражувањето на Евробарометар, над 70 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека Унијата игра важна улога во одржувањето на владеењето на правото во нивната земја, а речиси 90 проценти мислат дека е важно сите земји членки да ги почитуваат основните вредности на блокот.

Дополнително, 51 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека се добро информирани за основните вредности на ЕУ и за владеењето на правото, што претставува зголемување во однос на 2019 години кога вакво мислење имале 43 проценти од анкетираните.

Извештајот вклучува анализа на ситуацијата во ЕУ во целина и како и во секоја од 27-те земји членки, како и оценка за исполнувањето на минатогодишните препораки, врз основа на што се наведени нови препораки.