Снимка на екранот од видеото од трибината во Кичево од септември 2018 г. и дел од авторите на „лутите лајкови“. Фото: Мета.мк.

Веста дека „фарми на тролови“ од Северна Македонија и од Филипините работеле за споделувачи на теории на заговор и дезинформации за Ковид-19 на Фејсбук го предизвика вниманието на македонската јавност. Вчера американски „СиЕнБиСи“ објави дека Фејсбук ги отстранил страниците на нарачателот на работата на таквите мрежи платеници.

Ова не е прв случај македонските армии на тролови да се поврзуваат со слични ентитети од регионот на југоисточна Азија.

Во септември 2018 година, како дел од кампањата „#Бојкотирам“, истражувањето на Атлантски Совет откри користење на фарма на тролови од Виетнам за подривање на поддршката за консултативниот референдумот преку кој граѓаните беа поканети да се изјаснат дали се за влегување на земјата во ЕУ и НАТО со променето име.

На пример, иницијативата на Атлантскиот Совет #ElectionWatch покажа дека виетнамски тролови се обидувале да креираат лажна слика за настани од владината кампања „За европска Македонија“ преку ставање негативни емотикони на видео-преносот на трибина од Кичево на која говорел тогашниот премиер Зоран Заев.

Виетнамски тролови составале негативни емотикони на говорот на Заев во Кичево пред референдумот 2018 г. Фото: DFRLab.

Според извештајот на Лабораторијата за дигитална форензика на Атлантскиот совет (Atlantic Council’s Digital Forensic Lab – DFRLab):

„Активноста изгледаше координирана со цел да се создаде лажен впечаток за тоа како јавноста ја гледа и чувствува кампањата „За“, во обид да се смени мислењето на поддржувачите и противниците.

Видеото на премиерот Заев емитувано во живо како дел од кампањата „За“ од средба со граѓаните на отворено во мултиетничкиот град Кичево. На видео-клипот има 2.753 реакции и околу 27.000 гледања.

Но, користењето на негативни емотикони беше невообичаено високо и достигна 909, при што се натпреваруваше со ракциите со 926 позитивни емотикони од обични корисници. Во споредба со други настани, во говорот не беше кажано ништо особено, ниту пак, говорникот направи некаков реторички гаф или предизвика посебна реакција  на публиката,“ стои во извештајот на Лабораторијата за дигитална форензика.

Снимка на екранот од видеото од трибината во Кичево од септември 2018 г. и дел од авторите на „лутите лајкови“. Фото: Мета.мк.

Видеото е сè уште достапно на Фејсбук и прегледот од страна на тимот на Мета.мк покажа дека, покрај профилите со виетнамски идентитет, голем дел од негативните реакции се од профили кои се претставени со арапски имиња и наводно потекло од Блискиот Исток. Може да се претпостави дека се работи за лажни профили, дел од мрежи од лажни профили за кои се знае дека ги воспоставуваат такви „фарми“ со цел влијание и во тие земји, ама фаќаат „тезги“ и во странство.

„Фармите за тролови“, односно организирани групи чија цел е преку координирани активности да промовираат одредени пораки на социјалните мрежи се присутни повеќе години во Република Северна Македонија.

Тие најчесто се поврзуваат со партиската инфраструктурата за креирање на лажни претстави со цел влиаење врз јавното мислење создадена во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, односно режимот на Никола Груевски. Во медиумите кои се дел од пропагандната машинерија, нивната активност лажно се прикажува како спонтани реакции од „народот“.

Во 2015 година, во земјата престојувала и Ана Богачева, за која истражувачките новинари пишуваа дека е експертка за креирање вакви „фарми“ од Русија и дека е дел од мрежата на озогласената Агенција за истражување на интернет во Санкт Петерсбург.

Новинарските истражувања покажуваат дека одредени групи кои се дел од мрежите на „тролови“ од Република Северна Македонија излегуваат од партиските рамки и комбинираат работа за политички цели со комерцијална пропаганда, обидувајќи се да заработат од огласи наменети за публика од странство, или служејќи како платеници  за промовирање други типови содржини како теориите на заговор против вакцинирањето.