Фото; НБРСМ

Во првите три квартали од лани во просек, економијата бележи реален пад од 5,9 проценти, што е во согласност со очекувањата, информираат од Народна банка.

„Тековно расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2020 година упатуваат на поповолни движења во домашната економија и поумерени негативни ефекти од здравствената криза во споредба со претходниот квартал, во услови на релативно брзо закрепнување на производството и извозот вклучени во глобалните синџири на снабдување, постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба, како и примена на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ковид-19 и мерки за поддршка на економијата,“ се вели во соопштението.

Податоците од последниот квартал од 2020 година покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата. Во декември бил забележан и годишен раст, за првпат од појавата на пандемијата.

Било забалежено и забрзување на растот во градежништвото, при натамошни неповолни движења кај прометот во угостителството, како и забавен пад кај прометот во вкупната трговија.

„Годишната стапка на инфлација во јануари 2021 година изнесува 1,9 проценти и е во согласност со очекувањата според последната проекција. Последните расположливи податоци за јануари 2021 година и понатаму укажуваат на соодветно ниво на девизните резерви. Заклучно со декември 2020 година, остварен е солиден годишен раст на кредитната активност од 4,7 проценти, во рамки на очекувањата, при раст на депозитната база од 5,7 проценти, кој е над проектираниот,“ се додава во соопштението.

Најновите согледувања за растот на светската економија се поповолни во споредба со октомвриските проекции како резултат на одобрувањето повеќе вакцини за употреба и почетокот на вакцинацијата во дел од развиените земји од декември 2020 година.