НАТО: Кина е „клучен поттикнувач“ на руската инвазија во Украина

Последното соопштение на НАТО претставува најостра критика на северноатлантската алијанса на Кина досега

Фото: Daniel Naupold/dpa

На тековниот самит на НАТО, лидерите од северноатлантската алијанса ја нарекоа Кина „клучен поттикнувач“ во руската инвазија во Украина, нарекувајќиги поврзаностите меѓу Кина и Русија „длабоко загрижувачки“, пренесува Гардијан.

„Мислам дека пораката испратена од НАТО од овој самит е многу силна и многу јасна. Точно ја дефиниравме одговорноста на Кина кога станува збор за овозможување на руската војна“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

НАТО апелираше Кина да прекине со сета политичка и финансиска поддршка за Москва, велејќи дека Кина станала огромен поддржувач за „одбранбената индустрија“ на Русија.

Во декларацијата на НАТО се истакнува дека Кина треба да ја прекине испораката на добра со двојна употреба, како компоненти за оружје, опрема и суровини, кои потоа може да се користат во производството на оружја.

Кина вели оти не ѝ пружи директна воена помош на Русија. Сепак, билатералните односи меѓу двете земји останаа силни за време на конфликтот.

Министерство за надворешни работи на Кина изрази незадоволство со зголемениот интерес на НАТО за Азија и побара Алијансата да остане надвор од азиско-тихоокеанскиот регион и да не поттикнува конфликт. Ова е третиот самит по ред на кој се присутни азиско-тихоокеанските земји Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија. Мисијата на Пекинг во ЕУ рече дека на самитот бил „присутен менталитет на студената војна“.

Дополнително, во соопштението на НАТО е искажана загриженост околу развивањето на нуклеарните капацитети на Кина, како и околу нивните дезинформациски кампањи.