Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи

Право на учество имаат македонски државјани на возраст до 35 години. Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема

Фото: Архива на Мета.мк

Народната банка го објави конкурсот за Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2025 година. Оваа награда се доделува заради поттикнување на развојот на научната мисла и за афирмација на млади и стручни кадри.

Право на учество имаат македонски државјани на возраст до 35 години. Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема.

Авторите имаат право на конкурираат на конкурсот и со труд којшто веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2023 година.

Трудовите се поднесуваат до Народната банка, со назнака „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“ и по електронски пат во „ворд“ формат на [email protected].

Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Еден автор има право да поднесе само еден труд, а делата се поднесуваат на македонски, албански или на англиски јазик.

Трудовите ќе се вреднуваат според истражувачкото подрачје за македонскиот случај, соодветноста на литературата од анализираното подрачје, јасноста во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето, соодветност на описот на контекстот и информациите, како и на користениот статистичко-економетриски пристап, според конзистентноста и логичноста на тезите во трудот, како и заклучоците и препораките.

Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2025 година.

Наградата е во парична форма – за првонаградениот изнесува 130.000 денари, додека втората награда изнесува 65.000 денари.

Сите информации за конкурсот може да се најдат на овој линк.