Напуштениот дом „Стив Наумов“: Крај на една студентска ера од убави моменти во катастрофални услови

Студентите зад себе оставиле лични предмети, кои сега, напуштени, потсетуваат на вревата што некогаш го исполнувала овој простор. Осамени патики во еден агол, исушена роза на прозорец и расфрлани фотографии по ѕид, сведочат за приказните на студентите кои ова место го нарекувале дом. Овој комплекс ќе остане затворен најмалку две години

фото: Мета.мк

Студентскиот дом „Стив Наумов“  во Скопје ги испрати своите последни студенти. Комплексот во населбата Автокоманда нема да функционира најмалку две години, бидејќи почнуваат реконструктивните зафати. Трите згради нема да вселуваат нови станари додека не бидат целосно реновирани, а воопшто нема да функционираат ниту бараките и студентската менза кои се дел од овој дом. Мета.мк прошета низ испразнетиот студентски комплекс во кој сега владее тишина, како симбол на крајот на една ера исполнета со студентски дружби, убави моменти и по некој проблем.

Затишје пред стартот на долгонајавуваната реконструкција    

Некогаш енергичната „трета“ зграда остана без своите станари, откако минатиот викенд се отсели и последниот студент од овој објект.

Двете бараки на австриската компанија „Штрабаг“ поставени пред зградата се најава за она што следува – по повеќегодишно ветување, летово конечно почнува реновирањето на објектите.

Поради претстојните градежни зафати, и „третата“ – единствената зграда што функционираше во „Стив“ во изминативе четири години, ќе биде затворена и нема да ги отвори вратите додека не се реновира.

Затворени се и бараките, бидејќи поради реновирањето ќе биде оневозможен пристапот до струја и вода со кој се снабдуваат објектите.

Овој студентски дом последниве три години беше слика на лошиот студентски стандард во Македонија – влагата, протечените цевки во тоалетите, повремените поплави и појавата на стаорци и инсекти придонесоа овој студентски комплекс да биде најмалку посакуван при одлуката каде да се живее.

Дел од проблемите беа „закрпени“, но привремените поправки не можеа да ги сокријат лузните, хроничните проблеми и негрижата на станарите на зградата стара повеќе од три децении.

Бараки на австриската фирма „Штрабаг“ што ќе го реновира домот / фото: Мета.мк

Тишина ве пречекува уште при влезот во третата зградата. Во ходниците е празно и мирно – одекнува само ехо од чекори на малкумината вработени во домот кои ги довршуваат преостанатите обврски, пред објектот да биде предаден на изведувачот.

Зградата има пет ката, а секој чекор по скалите до повисокиот спрат се чувствува како патување низ временска капсула, доловувајќи ја суштината на студентскиот живот во неговата најинтимна форма.

фото: Мета.мк

Во собите, во кои до пред само една недела одекнувал џагор од смеа и дружби, сега владее молк.

фото: Мета.мк

Иако повеќето кревети се празни, на дел од нив забележавме стуткани ќебиња и постелнина, како станарите да заминале набрзина, а животот во домот да застанал нагло. Расфрлани по катовите беа остатоци од некогаш живата средина – недопиени пијалоци, полуизедена храна, по некоја шолја и заборавени учебници.

Студентите зад себе оставиле лични предмети, кои сега, напуштени, потсетуваат на вревата што некогаш го исполнувала овој простор.

Осамени патики во еден агол, исушена роза на прозорец и расфрлани фотографии по ѕид, сведочат за приказните на студентите кои ова место го нарекувале дом.

фото: Мета.мк

Ѕидовите во собите се платно од спомени. Графити и рачно напишани пораки ги красат блоковите кои на повеќе места се лупеа. Мотивирачки пораки како инспирација за учење и работа, но и љубовни посвети, стихови од песни и забележани датуми откриваа сегменти и наѕираа во загадочните животи на некогашните станари на „Стив“.

И покрај „распаѓањето“ во одредени простории, студентскиот дом има неоспорен шарм – „Стив Наумов“ е место застанато во времето. Додека ги фотографиравме собите, се чинеше дека секоја слика раскажува приказна.

Нередот и расфрланите предмети зборуваа за спонтаноста и хаосот на младоста, додека фотографиите, цртежите и избледените постери сведочеа за моменти на пријателства и соништа.

Овој студентски дом, во својата старост и излитеност, бил повеќе од само зграда: складиште на безброј приказни и искуства, кои чекаат повторно да бидат откриени и вратени во живот.

фото: Мета.мк

„Новиот“ дом најрано за две години

Испуканите прозорци, ѕидовите кои се лупеа и непријатната миризба во делови од зградата ја нагласуваа потребата од обновување.

Долгонајавуваната реконструкција на „Стив Наумов“, како и на останатите државни студентски домови, предвидува замена на сите позиции – електрични и водоводни инсталации, енергетски ефикасни фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување и опремување.

Владата, преку Министерството за образование и наука (МОН) склучи договор за обнова на домовите. Реновирањето е дел од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските комплекси, кој се реализира со пари од Германската развојна банка во износ од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на ЕУ.

Обновата на „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, како што најави поранешниот министер за образование Јетон Шаќири, а за Мета.мк потврди и директорот на Државниот студентски дом „Скопје“ Виктор Велевски, е предвидено да трае 18 месеци.

Тоа значи дека „Стив“ и „Кузман“ нема да функционираат најмалку уште две академски години, па нивното отворање најрано би се случило на почетокот од учебната 2026/2027 година.

Во меѓувреме, Министерството за образование и наука (МОН) треба да донесе одлука каде и како ќе отвори место за згаснатите 500 места од зградата и бараките во „Стив Наумов“. Како можно решение, неофицијално, се најавува отворање на затворениот објект во студентскиот дом „Томе Стефановски – Сениќ“ во населбата Железара, а неколку студенти може да бидат сместени во непополнетите капацитети во ученичкиот дом „Здравко Цветковски“ во Центар.

Наскоро се очекува да биде објавен конкурсот за сместување на студенти во студентските домови, кој ќе покаже каков план подготвило новото раководство на Министерството за образование и наука (МОН) за оние студенти кои доаѓаат од други градови, а Скопје им е „втор дом“.