Нафтени деривати има доволно, не си ја трошете безцелно семејната заштеда кога бензините се најскапи

Фото: Порталб.мк, Суад Бајрами

Јавување по телефони на членови на семејството и на пријатели и споделувања по социјалните мрежи. На овој начин, во земјава вчера се создаде паника кај населението дека треба да се складираат нафтени деривати и да се оди на бензинските пумпи, бидејќи ќе снема гориво поради ограничувањето на купувањето на горива кај некои помали бензински пумпи. Низ Скопје, Штип и други градови се создадоа редици пред бензинските пумпи и по десетици минути се чекаше во возила за да се наточи бензин.

Сепак, ваквата паника меѓу населението што се создаде е без потреба. Нафтени деривати има во доволни количини. Од Владата во денешното соопштение велат дека земјава има задоволителна количина на нафтени деривати во стоковните резерви.

„Граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката“, се наведува во соопштението на Владата на РСМ.

Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини.

На терен веќе е излезен Државниот пазарен инспекторат за да утврди зошто се создава ваква паника кај граѓаните. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера потенцираше дека нема никакви рестрикции, ниту трговците можат да ставаат ограничувања за тоа колку горива треба да точат граѓаните.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски во интервју за емисијата Утрински брифинг изјави дека сепак има позадинска намера кај дел од бензинските пумпи во земјава.

„Снабдувањето е без никакви проблеми и немало прекин на испорака на бензин. Она што загрижува е што на некои пумпи вчера се продавал бензин за само 500 денари со намера да заштедат резерви и да го продадат поскапо“, изјави Бислимовски.

Тој додаде дека РКЕ уште денеска ќе достави известување до Обвинителството за ваквите појави кај дел од бензинските пумпи, нарекувајќи го нивниот потег како воено профитерство.

Инаку, ограничувањата коишто ги правеја дел од бензинските пумпи вчера при точењето нафтени деривати доаѓа во период кога цената на нафтата на светските берзи расте во континуитет поради воениот напад на Русија врз Украина. РКЕ еднаш неделно, секој понеделник, ја утврдува цената на нафтените деривати во земјава.

Со сличен проблем како и во нашата земја во исто време се соочи и соседна Србија. Танјуг ја пренесува информацијата на српската влада дека нафтени деривати има во доволни количини за граѓаните и наведе дека некој намерно шири паника по ова прашање.

И во Србија, како и во нашата земја, паниката започна на социјалните мрежи со тврдења дека на некои бензински пумпи е воведено ограничување на купувањето на нафтени деривати за граѓаните.

Инаку, на бензинските пумпи во земјава цената за еден литар Еуросупер БС-95 се продава за 84 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 може да се набави за 86 денари за литар. Малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) изнесува 75,5 денари за литар.

Во вакви услови на големо покачување на цените на нафтените деривати што се случува поради зголемувањето на цената на нафтата на светските берзи, од надлежните институции во земјава деновиве недостигаат апели до граѓаните за намалено користење на возилата за да се направи заштеда на семејните буџети, а нема ниту препораки за користење на јавниот превоз и еколошките превозни средства како алтернатива за патување со автомобили во градските средини.