Над 70 убиени во Хан Јунис од израелски сили

Нападот беше извршен сред наредба за евакуација на над 400.000 луѓе, повеќето од кои веќе повеќе пати им било наредено да се раселат во последните девет месеци

Градот Хан Јунис во 2019 година. Фото: User:Dans, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Израелските сили вчера убиле над 70 Палестинци во напад во градот Хан Јунис. Нападот беше извршен сред наредба за евакуација на градот и неговата околина, каде се сместени над 400.000 луѓе, повеќето од кои веќе повеќе пати им било наредено да се раселат во последните девет месеци, пренесува Гардијан.

Хан Јунис до пред кратко беше означен од израелските сили како безбедна хуманитарна зона.

„Бевме раселени од источните региони, ни наредија да се евакуираме. Ги зедовме нашите деца и заминавме. Не остана безбедно место во Газа. Излеговме на улица, но веќе не знаеме каде одиме“, изјавил палестинскиот граѓанин Осама Кудеих за Асошиејтед прес (АП).

Палестинците на територијата, Обединетите нации и други меѓународни хуманитарни агенции потврдуваат дека веќе нема безбедно место во Газа и дека областите означени како хуманитарно безбедни зони сè уште се таргетирани. Имено, најмалку 90 луѓе загинаа во напад на Ал-Маваси на почетокот на месецот.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) тврдат дека борци од Хамас и други паравоени организации од Газа лансираат ракети кон Израел од Хан Јунис.

Друга жена во Хан Јунис колабирала од исцрпеност – ова ѝ било нејзиното седмо или осмо раселување во последните девет месеци.

„Секој ден сме раселени. Каде се државите, каде е светот, каде се претседателите, каде се тие? Дојдете и видете како ни е, како им е на нашите деца, видете што ни се случува“, изјави Холуд ал Дадас за АП, држејќи ги своите деца в раце.

Здравствените работници во Газа велат оти убиените и ранетите настрадале во нападите во и околу Хан Јунис. Тие очекуваат дека има и повеќе загинати, закопани под урнатините или оставени на патиштата до кои амбулантите не можеле да стигнат.

Израелската војска не даде коментар за бројот на убиени лица на прашање од Агенс Франс-прес. Но, во соопштение, војската рече дека нејзините борбени авиони и тенкови „таргетирале и елиминирале терористи во областа“.

Мохамед Сакр од болницата Насер за Ал Џезира изјави дека болницата е преоптоварена со случаи и дека имаат сериозен недостаток на медицинска опрема.

„Десетици пациенти се на подот. Немаме кревети на кои можеме да ги сместиме пациентите. Пливаме во вирови крв“, рече Сакр.