Набавени 50.000 вакцини за болеста „чвореста кожа“ кај говедата

Агенцијата за храна и ветеринарство обезбеди 50 илјади дози од вакцината против болеста „чвореста кожа“ кај говедата, за итна вакцинација на добитокот во 19 општини во источна и југоисточна Македонија.

Со цел сузбивање и искоренување на болеста и намалување на ризикот од нејзино ширење, со вакцинацијата ќе бидат опфатени зоните под надзор и заштитните зони во општините каде има потврдени позитивни грла, како и во областите кои се граничат со овие зони.

„Со вакцинацијата ќе бидат опфатени сите животни од видот говеда, без оглед на нивниот пол, возраст и месец на гравидност. Обезбедената количина вакцини е доволна со вакцинација да се покрие целата популација говеда во гореспоменатите региони и општини каде што е присутна болеста“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.