Аутизмот во светски рамки расте, ама не поради вакцините

Фактот што децата што се невакцинирани развиваат аутизам е само еден показател во таа насока

-

Точно е дека стапките на аутизам растат во целиот свет, ама тоа не е поврзано со вакцините. Фактот што децата што се невакцинирани развиваат аутизам е само еден показател во таа насока. Дополнително, тоа што сега повеќе деца се на аутистичниот спектар, отколку во минатото, може да значи дека повеќе се дијагностицираат поради екстензивниот скрининг, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

АУТИЗАМ за секое второ дете. Дефиниција за аутизам, аутизам е нерворазвојно пореметување. Аутизмот се манифестира со потешкотии на единката во социјалното функционирање и интеракцијата со останатите деца или луѓе, кога единката има неразвиен говор и комуникација, кога има необични однесувања со ограничени интересирања за вообичаените врснички активности итн.

Не сум нити приближно до здравствен работник. Но Бог ми дарил вид и слух па доста читам и слушам за се она што 90 посто популацијата не ја интересира. Гледам дека докторската фела ќути за се она што е наметнато како проблем во здравството.

Едноставно си ја чуваат платата и статусот во друштвото. Јас ќе пренесам податоци добиени од светската здравствена организација и Америчкиот здравствен систем, па донесете самите заклучок за се што се случува ширум светот, но едно запаметете : пред фактите и боговите молчат.

1975 година, едно дете од 5000 деца имаше аутизам или 0,02 %

1982 година, едно дете од 2500 деца имаше аутизам или 0,04 %

2000 година, едно дете од 166 деца имаше аутизам или 0,60 %

2020 година, едно дете од 54 деца има аутизам или 1,85 %

Ако се продолжи со оваа динамика на растење на аутизмот за 15 години , односно во 2040 година секое второ дете ќе биде аутистично. Така да на светот ќе има популација од 5 милијарди аутистични деца. Мислете малце со тоа мозоците. Овие податоци се званични од Америчкиот здравствен систем.

За аутизам почна да се зборува нешто после касните педесетти години од минатиот век. Зошто пред тоа немало аутизам ??? Дали аутизмот како нервно пореметување е предизвикан од вбризгување на хемикалии во дечките организми ??? Дали некоја од вакцините има нус појава во форма на дегенерација ??? Дали некогаш Фармацевската индустрија ќе се засити од својот профит кој го гради врз туѓа несреќа и заболување ??? Браќа и сестри, се работи за нашите деца, за идните генерации, за неродените ….. При ум и разум, при очи и слух, при достапни информации за што ќе посакате, ние да се однесуваме како прости луѓе од средниот век, е показател дека ние сме поголеми Аутисти од вистинските заболени од аутизам.

Не избркаа од селата, ни ја загадија водата, воздухот, почвата, не затворија во градските кафези, не хранат со ГМО, не дозираат со отрови како лабораториски глувци, не вработија за 300 евра плата, не врзаа со синџир како песови кои треба да знаат кога се добива ручек, да се донесе топчето на газдата и да знаеме до каде ни стига синџирот.
Имаме ли право на живот по наша мерка, Имаме ли право да се заштитиме себе, децата, неродените ?

Имаме ли право да размислуваме поинаку, со свој мозок, зошто да ги слушаме и гледаме платените фармацевстки медиуми ?

Речете му на докторите кои ви препорачуваат вакцина или лек за вашите деца прво тие да се потпишат дека се е во ред со вакцината или лекот и доколку нешто тргне наопаку дека тие се криви за последиците ! Можеби токму баш јас сум теоретичар на заговор, Можеби пак исправно размислувам согледувајќи ги фактите, но ти почитуван читателе кој го читаш ова а и понатаму не размислуваш со своја глава, доколку е точно моето размислување тогаш си ….. АУТИСТ !!! 

Првиот човек со дијагностициран аутизам бил Доналд Триплет, а дијагнозата ја добил во 1943 година.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во 2023 година 1 од 36 деца во САД биле дијагностицирани со аутизам, а 75 милиони луѓе во светот се на аутистичниот спектар што претставува 1 процент од светската популација.

Според статистиките на Светската здравствена организација 1 на 100 деца имаат аутизам.

Достапните научни докази сугерираат дека има многу фактори што прават едно дете да биде поподложно да добие аутизам, вклучително фактори од околината и генетски фактори. Широкото истражување со различни методи што е водено низ многу години, покажува дека МРП вакцината не предизвикува аутизам. Студиите што сугерираат на таков линк се фалични и некои од нивните автори не пријавуваа дека имаат судир на интереси, поради кој доаѓаа до такви заклучоци. Доказите исто така покажуваат дека други детски вакцини не го зголемуваат ризикот од аутизам. Широкото истражување за адитивот алуминиум што се користи во некои инактивирани вакцини строго сугерира дека овие тој не го зголемува ризикот од аутизам, пишува на страницата на СЗО.

Точно е дека стапките на аутизам растат во целиот свет, ама тоа не е поврзано со вакцините. Фактот што децата што се невакцинирани развиваат аутизам е само еден показател во таа насока.

Најмалку 20 студии покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот. Тоа во интервју за „Вистиномер“ (декември 2021) го потврдува и пензионираниот раководител на службата за општа хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, доктор Џавид Фејзули.

Дополнително, тоа што повеќе деца се на аутистичниот спектар сега отколку во минатото, може да значи дека повеќе се дијагностицираат поради екстензивниот скрининг. 

Тоа значи дека повеќе деца отколку во минатото се подложни на скрининг за аутизам, има поголема запознатост кај општата популација за аутизмот и подобра дијагностика.

Тврдењата дека вакцините кои се даваат во детството предизвикуваат аутизам датираат од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар Ендру Вејкфилд тогаш го поврза вакцинирањето со МРП вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам. Сепак, Лансет ја повлече студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува фалсификувани податоци. Британските медицински власти подоцна ја повлекоа лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина, односно неговата лиценца беше одземена.

На оваа тема имаат пишувано и странските проверувачи на факти.Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ во изјава за АФП вели дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.

Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а надзорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до АФП.

Дека вакцините не предизвикуваат аутизам, потврдува и медицинската пракса на македонските педијатри. На пример, доктор Лилјана Којиќ од Клиниката за детски болести, изјавува дека во својата медицинска пракса има сретнато невакцинирани деца кои сепак, имале аутизам.

Имав 11 пациенти кои се наоѓаат на аутистичниот спектар, а не се вакцинирани, изјавила таа на брифинг на тема МРП вакцина.

Бројни студии се направени за споредба на процентот на деца со аутизам помеѓу тие кои се вакцинирани и невакцинираните, а резултатите покажуваат дека нема разлики во процентот. Во Јапонија, МРП вакцината започнала помалку да се администрира помеѓу 1988 и 1992 година, а од 1993 година целосно била укината. И покрај тоа, истражувањата покажуваат дека бројот на деца кои развиле аутизам значително се зголемил помеѓу децата родени од 1988 до 1996 година, а најзабележително е дека бројките се зголемиле со генерацијата родени во 1993 година.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Necromanser Eldritch -Diablo 4 -скриншот од лична архива на Иван Стојановски

Експанзијата „Vessel of Hatred“ на Diablo 4 доби одлични критики од гејмерите

Излегувањето на експанзијата Vessel of Hatred на Diablo 4 наиде на голем број одлични критики од страна на гејмерите ширум светот и е експанзија што фановите ја очекуваа од...