На Деве Баир се чека два часа за влез во Бугарија

На граничниот премин Деве Баир за излез од Македонија се чека од 30 минути до еден час, додека на другите гранични премини нема подолги задржувања, соопшти Автомото-сојузот на Македонија.

Граѓани од Скопје, пак, кои се на пат за бугарскиот скијачки центар Банско, за „Мета“ велат дека на граничниот премин Деве Баир од страната на Крива Паланка формирана е колона во која за премин кон Бугарија се чека околу два часа.

– До патарината пред Куманово патот е чист, ама потоа е влажен, а има и дел со дупки. Од Куманово до пола пат со Крива Паланка е суво. Потоа е влажно и помешано со песок. Кога се влегува во паланечката општина се гледа дека не е чистено – само фрлиле песок. Освен во градот и на места кај што грее сонце, речиси целиот пат е со натапкан снег – вели скопјанец за „Мета“.

Од АМСМ велат дека сообраќајот на државните патишта се одвива тековно, во зимски услови по претежно влажни коловози, на места со остатоци од снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи.

Слаб снег провејува на Попова Шапка, но не се задржува на коловозот. Сè уште не е прооден патниот правец Македонски Брод – село Здуње, кон кој гравитираат 11 села.

Јавното претпријатие „Македонија пат“ апелира на внимателно возење и на прилагодување на брзината спрема условите на патот.