МВР: Полицаец од обезбедувањето на Гаши се заканувал на вработен на скопскиот аеродром

Додека претседателката на Косово Вјоса Османи, поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж

Фото: ТАВ Македонија

Министерството за внатрешни работи информира дека вчера на Меѓународниот аеродром во Скопје, додека претседателката на Косово Вјоса Османи, поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.

Од МВР велат дека подоцна сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер, но по половина час, дошло лице, полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши, заедно со уште двајца полициски службеници и почнал да се заканува на вработените во ТАВ, да бара кој направил проблем на претседателката Османи, а турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин.

„Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, посочуваат од МВР.

Во реакција до медиумите претседателот на Собранието Гаши денеска изјави дека неговото обезбедување само сакало да ја смири ситуацијата на аеродромот.

„Јас само интервенирав во делот да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент“, изјави Гаши.

Од ТАВ Македонија, концесионер на скопскиот аеродром информираат дека телефонот на косовската претседателка Османи ѝ бил побаран заради задолжителен безбедносен скрининг.

„Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот“, посочуваат од ТАВ Македонија.