За пропустот со свадбарската колона на спикерот, која граничниот премин на Блаце го минала без контрола, министерот Тошковски најави дека ќе се утврдува одговорност кај раководителот на смена на граничниот премин. Значи, како и во случајот со косовската претседателка Вјоса Османи, кога целата вина за инцидентот со проверката на багажот на скопскиот аеродром, падна на обезбедувањето на Гаши, сега вината ќе се бара кај раководителот на границата. Но, што е со етичката страна на целата оваа свадбарска приказна? Мораше ли претседателот на Собранието со таква помпа, со шест свадбарски возила во колона под полициска придружба, да ја мине границата на „брзата лента“. Белким тој, членовите на неговото потесно семејство и обезбедувањето можеа да заминат на свадба со помала „врева“ и да ја испочитуваат граничната процедура, се вели во анализата на Вистиномер.
Текстот го пренесуваме интегрално:
Коалицијата „Вреди“, од чии редови доаѓа претседателот на Собранието, Африм Гаши, застана во негова одбрана за приватното патување во Косово со службено возило и обезбедување и притоа ја спинуваше вистината, пренасочувајќи ја „водата на друга воденица“:
Спин: Жалиме што гневот за изборниот резултат СДСМ го насочува на погрешна адреса. Претседателот на Собранието, Африм Гаши не може да биде виновен што граѓаните сурово ги казнија. Изгледа таквата порака не им е доволна, штом продолжуваат да манифестираат врвно лицемерие. Пред да одржуваат прес-конференции чија единствена цел е обид за отргнување на вниманието од нивните внатрепартиски проблеми, го повикуваме СДСМ да одговори, зошто не реагираа на ист начин кога Зоран Заев и Венко Филипче возеа моторцикли, надвор од границите на Северна Македонија, во придружба на државно обезбедување? Дали тогаш тоа беше за нив етички и безбедносен протокол согласно законот или скандалозно однесување, како што сега тврдат? Африм Гаши со своето семејство уредно ја поминал границата и тој никогаш не поминувал ниту еден граничен премин пешки, како некои други“, се вели во реакцијата на Вреди.
[Извор: Соопштение на Вреди: Нетпрес; Цивил медиа датум: 20.08.2024]
Контраспин: Собранискиот спикер Африм Гаши од самиот изборот на функцијата (28.05.2024) е на врвот на скандалите, последниот од низата е одењето по косовската невеста со свадбарска свита од службени и приватни возила, кои границата ја поминале на „брза лента“ – без никаква проверка. Но, за Вреди тука нема ништо проблематично. Сметаат дека „Гаши со своето семејство уредно ја поминал границата“, проблем гледаат на друго место и во друго време, она кога СДСМ биле на власт. Па, со замена на тези и спинување прашуваат зошто немало реакција кога Зоран Заев и Венко Филипче возеа моторцикли, надвор од границите на Северна Македонија, во придружба на државно обезбедување?
Арно ама, Заев и Филипче не се на функција повеќе од две години. По поразот на локалните избори во октомври 2021 година, Заев си поднесе оставка, а во Владата предводена од Димитар Ковачевски избрана на 16 јануари 2022 година, на чело на Министерството за здравство застана Беким Сали. На годинашниве парламентарни избори (8 мај 2024), пак, СДСМ беше поразена и отиде во опозиција. И, не дека не е важно како се однесуваат опозициските политичари, ама социјалдемократите си го платија цехот за начинот на кој ја практикуваа власта. Сега Вреди е дел од власта и најнормално е тие да бидат под лупа на јавноста. Нема ништо чудно во тоа опозицијата да прашува и да бара одговорност за постапките на носителите на државни функции, особено оние највисоките, каква што е втората по ранг функција во државата – претседател на Собрание.
Инаку, според Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, донесена од Владата во 2014 година, претседателот на Собранието е меѓу функционерите кои постојано се обезбедуваат од МВР со редовни, вонредни и посебни мерки и активности.
Во таа смисла во Член 4 од Уредбата е наведено:
Од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано се обезбедуваат следниве личности:
– Претседателот на Република Македонија;
– претседателот на Собранието на Република Македонија;
– претседателот на Владата на Република Македонија;
– замениците на претседателот на Владата на Република Македонија;
– министерот за внатрешни работи;
– министерот за одбрана;
– министерот за надворешни работи и
– директорот на Бирото за јавна безбедност и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи.
Од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни мерки и активности за обезбедување се обезбедуваат и членовите на потесното семејство на Претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија и претседателот на Владата на Република Македонија.
Под членови на потесното семејство на личностите кои се обезбедуваат од ставот 2 на овој член во смисла на оваа уредба се подразбираат брачниот другар и децата до навршена 21 година живот
Така што приватното патување на Гаши со службено возило и обезбедување, не се коси со законските прописи. Но, како што тврди опозицијата, во свадбарската колоната имало и приватни возила, а сите заедно граничниот премин на Блаце го минале без контрола. За овој пропуст министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави дека ќе се утврдува одговорноста кај раководителот на смена на граничниот премин.
Значи, како и во случајот со косовската претседателка Вјоса Османи, кога целата вина за инцидентот со проверката на багажот на скопскиот аеродром падна на обезбедувањето на Гаши, сега вината ќе се бара кај раководителот на границата. Како и тогаш, така и овојпат, кај спикерот нема апсолутно никаква одговорност.
Но, што е со етичката страна на целата оваа свадбарска приказна? Мораше ли претседателот на Собраниетот со таква помпа, со шест свадбарски возила во колона под полициска придружба да ја мине границата на „брзата лента“. Белким тој, членовите на неговото потесно семејство и обезбедувањето можеа да заминат на свадбата со помала „врева“ и да ја испочитуваат граничната процедура.
Хронологија на еден скандал
Случајот во јавноста го обелодени медиумот на албански јазик „Индекс.мк“, кој на 17.08.2024 на својот профил на Фејсбук објави видеоснимка на која се гледа колона свадбени автомобили, меѓу кои и службеното возило на претседателот на Собранието. Во описот на видеото стои: „Гаши со службен автомобил оди да ја земе невестата“. Набрзо ова стана топ тема во речиси сите медиуми.
По објавата на видеото прва реагираше ЛДП, (18.08.2024) од каде што прашаа дали Гаши со себе носел патен налог и дали поседувал официјална документација, за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата.
Во меѓувреме се огласија (18.08.2024) од Кабинетот на Гаши и потврдија дека со службено возило бил на свадба во Косово, но велат дека нема ништо незаконско, бидејќи тој по функција е обезбедуван 24/7:
Претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон. Овој безбедносен детаљ функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата.
Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата.
Полицијата во првичната реакција соопшти (18.08.2024) дека проверува дали спикерот Гаши со службено возило бил на свадба во Косово, а целта е да се утврди дали во овој случај има злоупотреба на државните возила.
Ве известуваме дека од страна на надлежните служби во МВР се вршат соодветни проверки со цел утврдување на фактичката состојба, по што соодветно ќе ја известиме јавноста, информираа од МВР.
Реагираше и опозициската СДСМ од каде порачаа дека е „понижување за државата, вториот човек по ранг да оди по свадби и по невести со службено возило во соседни држави“
Свесен ли е Гаши воопшто за важноста и достоинството што треба да го носи позицијата претседател на Собранието или го смета тоа за приватна своина?“, праша портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференцијата на 19 август.
Портпаролот на „Вреди“, Фари Исени не гледа нешто лошо во спроведувањето на еден свадбен обичај:
Ваквите ситуации во кои редица возила одат по невестата е дел од обичаите што на секоја свадба, албанска или македонска, се спроведуваат.
Исени нема информации дали на колоната на Гаши ѝ се придружиле и приватни возила, но смета дека собранискиот спикер нема избор и мора секаде да оди со службено обезбедување.
Станува збор за второ лице на државата. Законските прописи го регулираат тој момент. Претседателот на Собранието, каде и да отиде, неопходно е да биде во придружба на обезбедувањето, тврди Исени.
Два дена по избивањето на скандалот со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ, од каде што исто така го оправдаа Гаши, тврдејќи дека самата позиција на спикерот е проследена со задолжителен протокол, па тој, всушност, ќе направел прекршок доколку не го испочитувал.
Носител на позиција каква има Африм Гаши е проследена со задолжителен протокол и постојана придружба. Спротивната ситуација, немањето на придружба и необезбедувањето претставува прекршок за санкција. Дали според СДС требало да се прекршат законите во случајот на Африм Гаши?, велат од партијата и порачуваат дека „времето на самоволие завршило со смената на власта“
Потоа СДСМ излезе со дополнителни детали и објави дека освен што Гаши со службеното возило бил на приватна веселба во странство, со него во колона имало повеќе други службени возила, но и приватни автомобили со свадбари, кои поминале на граничниот премин без да ги проверуваат. Според портпаролката Кузевска, границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши.
Она што се крие од јавноста, е уште поголем проблем за кој дебело треба да одговара Тошковски. Станува збор за тешка злоупотреба на граничниот премин Блаце и пропуштање на приватни возила и лица без контрола кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите, соопшти Кузеска на 20 август
Истиот ден министерот Тошковски преку својот фејсбук-профил ја информира јавноста дека МВР по извршените проверки на камерите, на системот за контрола на патници и возила, како и на книгите на настани и процедури на граничниот премин, констатирало дека спикерот Гаши уредно го пријавил своето одење на свадба во Косово заедно со семејството и обезбедувањето, „но смената на граничниот премин не ги евидентирала патниците и возилата, заради што ќе се преземат мерки за одговорност на раководителот.“
Според објаснувањето на Тошковски шест возила поврзани со свадбата на која присуствувал Гаши во Косово, ја поминале границата на Блаце за две минути:
Граничниот премин на 18.08.2024г. во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП возило.
За другите две возила во известувањето од Тошковски не се наведува какви се.
Меѓутоа, според СДСМ, раководителот на смена на границата не е тој што дал наредба да бидат пропуштени Гаши и останатите без контрола, туку тоа го направил Наим Рамука, новоназначениот началник на центарот за гранични работи Север. Од опозициската партија побараа оставка од Тошковски.
Согласно информациите кои ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука, новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, кој заради наводна контрола, дошол на граничниот премин за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши сватовите, соопшти портпаролката Кузеска на прес-конференцијата на 21 август.
Раката на правдата никако да допре до власта
Коментирајќи ги ваквите наводи на опозицијата, министерот Тошковски во телефонски разговор за Сител вели дека за секој што има докази дека сторил прекршок, ќе одговара по итна законита постапка пред институциите.
Поранешната претседателка на Државната комисија за следење на корупцијата, Билјана Ивановска, гледа очигледна злоупотреба на функцијата во епизодата со одењето по невеста во Косово од страна на претседателот на Собранието.
Претседателот на народните избраници, Африм Гаши, со своето однесување во голема мера влијае врз креирањето на сликата во државата за однесувањето на функционерите. Како втор човек во државата тој законски ги ужива сите функционерски права, но етиката и моралот не се пропишуваат со закон, туку се вредности кои го одликуваат човекот. Во отсуство на јасно поставена граница помеѓу јавната функција и приватниот интерес очигледна е злоупотребата на функцијата, бидејќи тој овозможил поминување на повеќе приватни возила без никаква гранична контрола, вели Ивановска за порталот Независен .
За десетина дена, на 3 септември, пред пратениците ќе биде интерпелацијата за Гаши што ја поднесе Левица. Според партијата, Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално „и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички“. Како што се наведува, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва. Како причина за барање одговорност од Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според Левица, Гаши како претседател на законодавниот дом направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик.
Премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски вчера (21.08.2024) изјави дека ВМРО–ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата за Гаши.
Начинот на кој тој се однесува како спикер во Парламентот, како ги води седниците и сè тоа што таму се случува претставува сериозно различно однесување од тоа што го правеше неговиот претходник. Препоставувам оваа коалиција (СДСМ-ДУИ-Левица) и политичари од рангот на Артан Груби, Талат Џафери, Бујар Османи и Али Ахмети им е подобра, отколку сегашната состојба, но јас не мислам дека е така и затоа нема да поддржиме ваков тип на интерпелација, истакна Мицкоски.
Во објавата на Фејсбук, пак, Тошковски уверува дека „она што е важно и кон што се стреми Министерството за внатрешни работи е законите да важат за сите исто“:
За секоја активност која не е во рамки на пропишаните законски и работни процедури мора да има конкретна индивидуална одговорност. Навистина поминаа времињата кога беше нормално полициски службеник заштитен од корумпирана власт да се впушта во активности кои ги надминуваат неговите законски овластувања и обврски. Никој не е и не може да биде над законот, тврди Тошковски.
И не само Тошковски, туку и други функционери од владејачката партија, вклучително и премиерот Мицкоски, постојано говорат за еднаквост пред законите. Ама, од она што досега го видовме, изгледа дека правдата тешко ги стасува претставниците на власта, без разлика која политичка структура е на власт. Онака како што стојат работите, нема големи надежи дека оваа власт ќе се одважи да ја смени сликата.
Пишува: Оливера Војновска