МВР го продолжи рокот на пасошите и возачките дозволи до 31 јули

Министерството за внатрешни работи извести дека е продолжен рокот на важност на пасошите и возачките дозволи чиј рок на важност е истечен во периодот на вонредната состојба и тие ќе важат до 31 јули 2020 година.

„На 51. седница на Владата на предлог на Министерството за внатрешни работи, се донесени уредби со законска сила за патните исправи и за возачките дозволи на државјаните на Северна Македонија за време на вонредна состојба, со кои се продолжува рокот на овие лични исправи до 31 јули 2020 година. Тоа значи дека овие граѓани нема потреба да вадат нови патни исправи и возачки дозволи до овој датум, но доколку сепак сакаат да извадат нови документи, на располагање секој работен ден се службите на МВР,“ информираат од МВР.

Владата побара повторно продолжување на вонредната состојба, за што ќе се расправа на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски.