МВР го одбележува Денот на полицијата, Спасовски потсети дека полицијата мора да се бори против корупцијата

Фото: МВР

Во организација на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров “ ќе се одржи централната прослава по повод одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во својата честитка до припадниците на МВР рече дека Денот на полицијата „претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа“.

Потсетувајќи дека во ситуацијата наметната од ковид-19, полицијата добила уште една должност – за заштита на здравјето, покрај грижата за животот и имотот на граѓаните, Спасовски нагласи дека во рацете на полициските службеници е и борбата против корупцијата.

„Во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите. Нашата заедничка цел е нулта толеранција за корупцијата, нулта толеранција за сите кои ќе го прекршат законот, без исклучок! А јас цврсто верувам дека нашата цел е на дофат на раката со воспоставување на концептот на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата. Оваа меѓусебна врска ќе стане уште посилна со континуирано зајакнување системот на соработка со граѓаните, со цел идентификување, демистифицирање и спречување, односно превенирање на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет“, порача министерот за внатрешни работи.

Тој се потсети на припадниците на МВР што загинале реализирајќи ги работните активности.

„На овој посебен ден не може да не помислиме на оние наши колеги, на оние храбри срца што ги нема денеска во нашите редови – нивната храброст и нивната жртва никогаш нема да бидат заборавени, а она што ни го оставија во наследство и споменот за нив, претставуваат инспирација за секој граѓанин, за нашите млади колеги кои за првпат ќе ја облечат работната униформа, инспирација за иднината на нашата земја – за нашите деца“, нагласи Спасовски.

Тој потсети дека полициската професија мора да вклучува и висок морал.

„Да се биде полицаец е да се обавува високоморална професија. Вие сте првиот пријател кој е најбаран во незгода или во тешка ситуација, вие сте тие кои создаваат чувство на доверба, на сигурност кај граѓанинот, заштитници на нивните права, интереси и слободи. Тоа ви ја дава моќта, но од вас бара со беспрекорна присебност понекогаш и да се надминете себеси. Токму тоа е причината што имаме толку високи барања кон работата на секој одделен полициски службеник, што инсистираме на одржување на дисциплината и на вашата подготвеност на високо ниво“, нагласи Спасовски во својата честитка по повод Денот на македонската полиција.