Музика и омраза: Како една песна предизвика етнички тензии на студентска забава во Скопје

 На чија агенда ѝ пречи сплотеноста на студентите и како национализмот маскиран во „патриотизам“ континуирано поттикнува етничка омраза и дискриминација? 

Илустрација: Мета.мк

Студентска забава во Скопје пролетва доби неочекуван пресврт кога пуштањето на албанска песна при крајот на настанот предизвика полемики и говор на омраза на социјалните мрежи. И покрај инклузивниот карактер на организацијата што брои членови од различно етничко потекло, националистичката група наречена „Патриотско друштво“ на Инстаграм, која себеси се претставува како „млада амбициозна група од патриоти исполнети со ентузијазам“, го критикуваше пуштањето на песната на албански јазик, што распламти говор на омраза насочен кон студентската организација. 

На чија агенда ѝ пречи сплотеноста на студентите и како национализмот маскиран во „патриотизам“ континуирано поттикнува етничка омраза и дискриминација? 

Што всушност се случи на студентската забава ?  

За забавата зборувавме со потпретседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Александар Ристоски и студентската правобранителка Савче Ѓошева. Тие, како дел од организаторите на настанот, раскажуваат што се случувало вечерта и фрлаат сомнеж врз намерите на лицата кои намерно ја снимиле само албанската песна, покрај другиот вид музика што била пуштана на забавата.  

Неколкучасовниот настан бил составен од учење на латино танцови, по што, по завршување на официјалниот дел, студентите пуштале разновидна музика за да се забавуваат.  

Следниот ден, на социјалната мрежа Инстаграм, групата која себеси се нарекува „Патриотско друштво“ објави видео од забавата, на кое се слуша песна на албански јазик, проследено со текст „Еве што се случува во Универзитетско Студентско Собрание“ и албанско знаме. 

фото: принтскрин од видео / @patriotskodrustvo на Инстаграм

„Со студентското собрание направивме журка каде што беа поканети повеќе студенти и таа вечер темата беше да слушаме генерално латино музика и се слушаше генерално латино музика бидејќи концептот беше играње и танцување, но, секако, како што завршуваше вечерта, ние си пуштивме многу македонски, српски песни, албански песни, дури и турски песни пуштивме“, вели Ристоски. 

„Студентското собрание не е сочинето само од Македонци, туку и другите етнички заедници, така што, ете, за да исполниме желба и да се забавуваме со нашите другари, се случи тој момент. Мислам, не треба да е за осуда бидејќи ваквите песни служат чисто да се опушти атмосферата и да се зголеми забавата“, појаснува Ѓошева. 

Универзитетското студентско собрание на УКИМ објави видео со реакција во која го осудува потегот на националистичката група, порачувајќи дека ваквите објави само поттикнуваат етничка нетолеранција. 

„Како академски граѓани, мораме да го осудиме ваквиот потег и секој останат кој ќе промовира етничка нетолеранција и дискриминација. Пред вас стоиме со идејата дека во оваа држава сите заедно живееме“, се вели во видеото на УСС УКИМ, под кое повторно се собраа негативни коментари и говор на омраза. 

Ѓошева и Ристоски велат дека биле изненадени од реакциите што следувале од групата на Инстаграм, бидејќи претходно не се соочиле со слични инциденти – ова е прв ваков случај. 

„Претходно се немаме соочено со ваков инцидент, и да, точно е тоа дека Универзитестското собрание и целата академска заедница се состојат од различни етнички заедници и мислам дека вакви коментари и инциденти не служат за целокупното добро и развивањето полесна комуникација меѓу етничките заедници, напротив, само нè отуѓуваат“, вели Ѓошева. 

Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ / фото: лична архива

Потпретседателот на Универзитетското студентско собрание, Ристоски, во иднина не очекува да има слични проблеми, затоа што вели дека во рамки на организацијата немаат никакви етнички проблеми, туку одлична соработка. Сепак, искажа загриженост за тоа како случајов би можел да влијае врз членовите на собранието од другите етнички заедници. 

„Тоа ми најголем проблем и криво ми е што се чувствуваат така. И правиме сè што можеме за да се чувствуваат океј и да знаат дека барем ние сме тука за нив, другари сме и дека негативните коментари не се генералното мислење, туку едноставно се мислење на поединци или исклучоци“, вели Ристоски. 

Александар Ристоски, потпретседател на УСС УКИМ / фото: лична архива

Какво влијание има говорот на омраза врз личноста кон која е упатен? 

Д-р Благица Ризоска Ваниќ е гешталт тренер, терапевтка, супервизорка и професорка по клиничка практика на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Таа смета дека медиумскиот простор, а особено интернетот и социјалните мрежи, овозможуваат ширење на омраза, пред сè, заради фактот што лицата кои коментираат „од тастатура“ на некој начин немаат чувство на одговорност дека прават нешто реално.  

„Меѓутоа, од другата страна, тој што ги доживува негативните коментари, ги доживува многу реално, тука е ризикот. Од една страна, да, медиумот ќе го пропушти тој материјал, но тој што го доживува, го доживува многу лично, многу длабоко и тие емоции се многу реални. Исто како некој да му упатил закана или го потценил, го навредил пред публика и, на некој начин, последиците ги сноси жртвата во случајот или оној кој не нашол механизам да се заштити“, вели проф. д-р Ризоска Ваниќ. 

проф. д-р Благица Ризоска Ваниќ / фото: Мета.мк

Студентската правобранителка Ѓошева беше една од организаторките на забавата и поради тоа на социјалните мрежи се соочи со голем број негативни коментари во кои имаше и говор на омраза. Таа сподели какви чувства предизвикал овој напад кај неа. 

„Не ми предизвика некое убаво чувство, секако дека се осетив како мета и дека, ете, некој таму те плука без притоа да те запознае и да знае какви вредности ти носиш. На почетокот ми дојде чудно зошто некој го прави тоа, но, подоцна сфатив, бидејќи се повеќе коментари, се придружија со некаква иста цел, а тоа е да те оцрнат, да те испровоцираат и да те навредат“, вели Ѓошева. 

Поларизацијата како последица од говорот на омраза 

Професорката Ризоска Ваниќ смета дека, кога сме ставени пред одлука дали да се потпреме на нашата перцепција, која ни вели дека можеме да воспоставиме и да направиме релација со некој што има друга националност или друга етничка заднина – од една страна е нашето доживување дека тоа е навистина возможно,  а од друга е конфликтот со групата на којашто ѝ припаѓаме и којашто вели дека „тоа не е така“. 

Во ваков случај, настанува раздор и поларизација во самата личност во однос на тоа што е вистина – дали она што личноста го чувствува и доживува или пак она што групата на припадност упорно ѝ го потенцира и кажува. 

„Мислам дека никој не мрази заради национална основа, заради религија или боја на кожа. Ние навидум мразиме заради некои карактеристики што некој ги носи иако позадината е различна и најчесто се сведува на уверувањата со кои сме растени и верувањата што ги имаме за тоа што е добро, а што лошо, кој прави добро, а кој прави лошо“, вели проф. д-р Ризоска Ваниќ. 

Што се подразбира под говор на омраза ? 

Говор на омраза е секоја форма на изразување што поттикнува дискриминација, непријателство или насилство кон личност или група поради нивната раса, религија, етничка припадност, род или други фактори. Истиот може да се манифестира во различни форми, вклучувајќи погрдни навреди, навредливи шеги, закани, стереотипи или дехуманизирачки јазик. Говорот на омраза прераснува во ширење страв, поттикнување насилство и поттикнување клима на дискриминација и непријателство. Меѓутоа, сè уште не постои универзална дефиниција за говорот на омраза според Меѓународниот закон за човекови права. 

 

Пишува: Деспина Ковачевска